Локалните избори потврдија дека ниту една партија ги нема гласовите „во џеб“, туку граѓаните сè повеќе одлучуваат според локалните перформанси и кредибилитет на кандидатите, а не само по партиска припадност, вели за „Локално“ политологот Џенур Исени.
Коментирајќи ги изборните резултати, Исени потенцира дека коалицијата ВЛЕН, иако јавно повика своите гласачи да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје, очигледно не успеа да го мобилизира целото свое гласачко тело, што делумно објаснува зошто одѕивот беше релативно низок.
-СДСМ доживеа уште една изборна фијаско, фактот што се гордеат дека се „втора сила“ кај македонскиот блок само ја покажува длабочината на нивната политичка криза. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја освои целата политичка карта кај македонскиот електорат, додава политикологот.
Тој е на ставот дека од друга страна, Левица повторно остана без значаен резултат, практично со нула влијание во локалните средини, што ја става под прашање нејзината реална тежина на терен.
Б.Т.