Исени: Македонските граѓани и политичката елита да ја надминат еуфоријата и да дадат предност на предлогот на Макрон

од Берта Китинска
406 прегледи

Крајно време е македонските граѓани и нашата политичка елита кои што инаку реагираа многу емотивно, прво да ја надминат таа еуфорија, и да се даде предноста и на оваа преговарачка рамка, да се остави доверба на министерот Османи кој што сметам дека добро ја извршува задачата, и исто така да се види дали оваа недела нешто ќе се случи во ЕУ , вели во разговор за „Локално“, политиколог Џенур Исени.

Според него моделот на Договорот од Преспа, не може да се примени во најновиот спор.

Треба да се види друг модел и нов пристап за да се помират страните и да се најдат актерите кои го попречуваат договорот. Османи постојано вика дека некој го попречува договорот, но не кажува кој?, прашува тој.

Францускиот предлог за кревање на ветото, кој веќе стана и европски откако Бугарија го ратификуваше во Собранието, беше одбиен од македонска страна. Со оглед на тоа дека источниот сосед сега во секој момент може да не кочи како сака, доколку нешто не му се допадне, дали е ова треба да биде своевиден „повик за будење“ за Властите во однос на ЕУ интеграциите?

Прво мислам дека преговарачката рамка која ја предложи Франција дава добри основи за реализирање, односно надминување на билатералниот проблем меѓу Северна Македонија и Бугарија, бидејќи до денес работите беа толку закочени веќе две години што мораше нешто да се направи на меѓународен план за да се откочи односот меѓу Софија и Скопје.

-Во таа насока е изготвена таа преговарачка рамка која што не е идеална, меѓутоа го зачувува македонскиот јазик и дава основи да се надминат проблемите. Проблемот што стои пред нас е всушност протоколот кој што е усвоен во бугарското Собрание, кој што Македонија го нема потпишано, а тоа е протоколот за реализација на Договорот за добрососедтсво кој што Бугарија надодаде многу елементи преку кој може да ја кочи нашата амбиција за членство. И затоа тој протокол мора да се избоксува, да не биде постојано употребуван, или пак воопшто да не влезе во преговарачката рамка што и не му е место. Од друга страна цела Европа се свесни дека поголема земја малтретира помала земја, од оние националистички навреди и транспаренти во бугарското Собрание дека Македонија е Бугарија итн. Мислам сега дека, крајно време е македонските граѓани и нашата политичка елита кои што инаку реагираа многу емотивно, прво да ја надминат таа еуфорија, бидејќи се создаде една негативна еуфорија која што практично беше појачана и со грешките што ги направи францускиот претседател Макрон, односно ненамерните грешки кога не нарече северномакедонци, меѓутоа во суштина треба да се надминат проблемите во смисла да се даде предноста и на оваа преговарачка рамка, да се остави доверба на министерот Османи кои што сметам дека добро ја извршува задачата, и исто така да се види дали оваа недела нешто ќе се случи во ЕУ за да биде надминат спорот затоа што црвените линии се поставени токму во тој протокол, бидејќи на секој агол Бугарија може да не спречи, тука е големата игра. Но мислам дека тоа може да се надмине.

Има ли решение, генерално, на овој спор или ова ќе биде уште еден 20 годишен спор, сличен како оној со Грција?

-Проблемот со Бугарија е посериозен и моделот е неприфатлив во изнаоѓањето на конечното решение. Само меѓународниот фактор може да помогне да се најде формула која би ги зближила страните. Меѓутоа, се гледа дека ниту Скопје, ниту Софија не работила за да се стави крај на историскиот конфликт. Разликата со другите договори е во тоа што во спорот Софија-Скопје, странските меѓународни центри се заинтересирани да го пролонгираат овој спор. Затоа што требаше поголем притисок, односно во Меѓудржавната комисија, тоа не беше направено. Затоа таму ќе се концентрирани оние што не сакаат да има договоро. И не само тоа, проблемот сега доби пошироки димензии. Договорот од Преспа, односно моделот на преспанскиот договор не може да се примени во најновиот спор. Треба да се види друг модел и нов пристап за да се помират страните и да се најдат актерите кои го попречуваат договорот. Османи постојано вика дека некој го попречува договорот, но не кажува кој?

Османи се пожали викендов дека се „фрлало дрва и камења“ по Албанците поради тоа како се однесува кон спорот со Бугарија, со цел да се ослабне позицијата на државата и да се обезбеди политичка предност за опозицијата. Го води ли, според вас, МНР Османи добро процесот? Држи ли вода тезата дека тоа што е Албанец не му е премногу гајле за тоа што ќе прифати од барањата на Бугарија?

-Османи реално е под притисок од опозицијата, особено по острите говори на Еди Рама против бугарската страна. И сега јавноста мисли дека повеќе Рама ги штити македонските интереси отколу Бујар Османи или Димитар Ковачевски. Сега опозицијата реално сака што повеќе да ја искористи оваа можност и да наметне мислење дека Бујар Османи не се ангажира премногу во овие клучни моменти, кога после ратификувањето на францускиот предлог во бугарскиот парламент, сега притисокот комплетно се свртен кон Скопје.

Очекувате ли можеби некаква промена во одлуката на актуелната влада и прифаќање на бугарските услови, како што сугерираат некои домашни аналитичари изминативе денови? Ковачевски делуваше прилично сигурно во неговото „не“..

-Би сакал да кажам дека Ковачевски во услови на еден еуфоричен наплив од страна на неколку аналитичари во Македонија кои одма кажаа дека преговарачката рамка не чини и не е добро и дека ги загрозува македонските интереси, и кои што од страв да не се реализира ова сценарио да на секој чекор да не кочи Бугарија, непотребно некои ја загрееја толку атмосферата да се создаде еден негативен ефект, затоа што оваа тема не е доволно разјаснета и не е доволно позната на бројни лидери, мислам истрчани реакции непотребни. Сметам дека и под тој притисок, Ковачевски мораше нешто да каже. Иако бугарите настојувале со пет или шесто разни формули да го деезавуираат, но како и да е проблемот со јазикот е надминат, значи само се зборува за овој протокол. Под услови кои што можат да ги гарантираат европските лидери, значи пред се Макрон и Шолц, мислам дека Владата би можела да ја прифати преговарачката рамка, но кај нас граѓаните се премногу емотивни, одма реагираат без да свати за што се работи и за какви проблеми, какви детали има итн. Битно е дека со преговарачката рамка работите тргнаа од место, пред тоа се тапкаше во место и си испраќавме разни несериозни пораки од страна пред се на Бугарија бидејќи ние повеќе молчевме, така што постоеше една би кажал лоша атмосфера која што не водеше кон ништо.

Како треба земјава сега да се однесува кон својот источен сосед, по новата блокада? Како партија доколку, пример се најдете во новата извршна власт, како мислите дека треба да продолжат односите меѓу двете земји?

-Јас искрено, ако се водам од општественото добро, значи за доброто на земјата и граѓаните, додека не се реши овој проблем, би се водел со помеки ставови, покрај тоа што ние премногу коректно се однесувавме кон Бугарија, што морам да кажам и не заслужуваат воопшто почит. Но, ете за жал од тие зависи нашата европска перспектива, и перспективата на граѓаните. Го потпишавме Договорот за пријателство, што на крај излезе како Договор на Непријателство, и тоа по заслуга на Бугарија. Искрено и ако овој пат не се најде решение, не верувам дека нашата политичка елита ќе има меки говоро виз а ви Бугарија. Граѓаните, освен што се еуфорични, и до некаде и се во право, бидејќи секогаш се појавува некој кој што не кочи. Особено една земја како Бугарија која случајно влезе во Унијата, со фашистичко минато (што таа го негира), со нула сериозност, нула политичка моќ, нула економска моќ, кои нема никаква европска вредност, ги условува клучните процеси на ЕУ на Западен Балкан и ризикува да го дестабилизира и онака кревкиот регион, во време кога дури и членките со поригорозни принципи, како што е Холандија, го поддржуваат проширувањето. Значи, земја како Бугарија да има иста тежина во одлучувањето како Германија, на пример, е скандалозно за генезата на проектот на ЕУ. Во оваа смисла ЕУ сериозно треба да го разгледа процесот на одлучувањето во иднина по клучните прашања. ЕУ се повикува во демократски вредности, а знаеме дека во демократијат победува мнозинството, а во овој случај, мнозинството е ЗА да се даде зелено светло за Македонија за отпочнување на преговори, а од друга страна има само едно НЕ (Бугарија) и тоа НЕ на крај да победи.

Б.М.

Слични содржини