Исклучените од парно можат бесплатно да се приклучат до 31 август

од Nikola Popovski
241 прегледи

До 31 август 2023 година, ЕСМ Снабдување со топлина нуди можност за бесплатно приклучување на исклучените потрошувачи.

Со цел да им овозможиме на што поголем број потрошувачи да ги користат придобивките на системот за централното греење, се одвива акција за БЕСПЛАТНО ПРИКЛУЧУВАЊЕ за исклучените потрошувачи кои ќе се одлучат да се приклучат на системот за централно греење, соопштија од компанијата.

Акцијата за приклучување се спроведува по принципот „прв пријавен, прв услужен“, а важи за сите заинтересираните корисници кои имаат техничка можност, но не се приклучени на системот за топлинска енергија.

Поволностите од акцијата за бесплатно приклучување важат само во објектите кои се приклучени на централниот систем за греење и каде има техничка можност за приклучување на станот или деловниот простор.

За да ја искористат можноста за бесплатно приклучување, заинтересираните потрошувачи треба што поскоро, а најдоцна до 31 август, да поднесат писмено барање во приклучување во некој од пунктовите за потрошувачи на ЕСМ Снабдување со топлина. По завршување на акцијата, односно од 1-ви септември 2023 година, приклучувањето ќе се наплаќа во целост согласно важечкиот ценовник.

Слични содржини