На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се три иницијативи и едно барање за заштита на слободи и права.Судиите ќе расправаат по иницијативата за член 30, став 2, точка 9 од Законот за енергетика, поднесена од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот од Скопје, Стојанче Геровски.
Во иницијативата, како што информираат од Судот, се наведува дека мешањето во приватниот живот на граѓаните не е во согласност со членот 25 од Уставот, членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. Ограничувањето на сопственоста според подносителот треба да подлежи на начелата на правна сигурност или законитост а правната рамнотежа нема да се постигне доколку на граѓанинот му се наметнува да трпи поединечен и поголем товар.
Подносителот упатува на членот 1 од Протоколот број 1 од Европската Конвенција за човекови права според кој лишувањето на сопственоста морало да подлежи на условите предвидени со закон. Според наводите во иницијативата Република Северна Македонија е последна земја во регионот во која е дозволено исклучување на домаќинствата и од системот на напојување со електрична енергија.
На дневен ред на седницата се и иницијативите поднесени на дел од Законот за изменување и дополнување на Законот за експлозивни материи, како и член 13 точките 2, 10, 11, 12,13 и 15 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена.