Синоќа биле искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско, соопштија денеска од партијата. Според нив, овој, како што велат, насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
-Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти, велат од партијата на Венко Филипче.
СДСМ бара МВР и министерот Панче Тошковски да не ги штитат, како што наведуваат, насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви, МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
-СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите, стои во реакцијата од „Бихаќка“.