Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, на вчерашната собраниска седница ја проблематизираше најавата на Министерството за транспорт за олеснување на условите за изградба на хотели, оценувајќи дека таа е во директна спротивност со обврските на државата за заштита на статусот на Охридското Езеро.
Тој потсети дека клучната забелешка во извештаите на УНЕСКО, токму дивоградбите и пренатрупаноста ги посочуваат како главна причина за загрозување на езерото, па ваквите најави ги оцени како додавање отров наместо лек на веќе сериозниот проблем.
Исмаил нагласи дека туристичкиот потенцијал на Охрид, Струга и целиот охридски регион не се темели на масовна комерцијализација и бетон, туку на зачувана животна средина, чист воздух и заштитено езеро. Тој постави сомнеж дека најавените олеснувања за градба се темпирани за да одговараат на конкретни инвеститори и проекти во тек, посочувајќи го како пример хотелскиот објект на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, што отвора сериозни прашања за приоритетите на Министерството.
Во завршницата, пратеникот укажа на двојните стандарди во постапувањето против дивоградбите, односно, Министерството за транспорт се прогласува за ненадлежно кога станува збор за дивоградби околу Охридското Езеро и во општина Чаир, а истовремено распишува тендери за уривање викендици во планинските предели.