На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил постави прашање до министерката за енергетика, Сања Божиновска, но бидејќи таа беше отсутна од седницата, предвидено беше одговор да даде нејзиниот заменик Мирослав Лабудовиќ. Сепак, премиерот Христијан Мицкоски излезе на собраниската говорница и го образложи својот одговор.
На тоа пратеникот од Левица се спротивстави и во процедурално обраќање порача дека „премиерот има личен интерес за профит во својот џеб и кој што целото свое богатство на милиони го има направено во енергетскиот сектор“. Претходно Исмаил праша кој ја носи одговорноста за високата цена на електричната енергија и за, како што вели, хаосот во енергетскиот систем.
-Како заменикот Лабудовиќ дозволува да биде понижен на ваков начин и да не му дадат да одговори на поставено прашање. Тука е дојден да ја замени министерката која упорно не се појавува на пратенички прашања. Министерот го бираме тука во Собранието и јавноста да види кого Собранието избрало во ваков сензитивен период, рече пратеникот.
Исмаил му додаде на Мицкоски:
-Се разбира дека ќе одговори човекот кој што од продажба на електрична енергија заработи саати во вредност од милиони евра. Се разбира дека нема да одговори г-динот Лабудовиќ кој нема никаква енергетска компанија и кој што исто и него го боли високата цена на струјата. Тој што профитира од високата цена на струја е токму премиерот и затоа се јавува во име на министерот, рече пратеникот за премиерот.