Исмаил: Не очекувам Шолц да употреби тешки политички орудија за решение на спорот меѓу Македонија и Бугарија

од Vladimir Zorba
575 прегледи

Канцеларот (на Германија, Олаф) Шолц е тргнат во акција на колку-толку средување, или ајде да речеме помош, во средување на состојбите, а времето покажа дека она што на европјаните им личеше на „нужна периферија“ и тоа како е важна и дека воопшто не е „некоја периферија-таму некаде“ и дека во себе содржи огромен кризен потенцијал! Јас, со оглед на досегашно приложеното, особено бугарската позиција, не мислам дека канцеларот Шолц ќе постигне некаков напредок, па дури и да ги употреби тешките политички орудија како што се, на пример, редуцирање-секнување на некои од прочуените „чешми за пари“ (ЕУ-фондови), вели во интервју за „Локално“ Ѓунер Исмаил, аналитичар и поранешен министер во македонската влада.

Не смета дека претстојниот период е последен во кој двете земји може да дојдат до додговор и дека македонско-бугарските односи не може да се мераат со вообичаените мерења на времето, разбрано како денови, недели, месеци

– Таа (Бугарија), сакате некогашната, сакате денешната никогаш не успеа да се еманципира од нејзините, како се вели „соништа“, некогаш „влажни“, некогаш „жешки“, ама секогаш доволно видливо поттикнувани од Трети Страни! Ова треба јасно да го кажеме, а и либералните кругови во Бугарија го кажуваат, истакнува Исмаил.

На темата „бугари во Уставот“, аналитичарот вели дека Македонија и до сега покажала дека нема никакви комплекси околу било чие национално изјаснување и во таа смисла и во некое „утре“ тоа ќе го покаже на дело.

-Нема никаква драматика во ниту едно прашање, доколку тоа прашање се поставува во околности кога учесниците се растеретени од влијанието на било какви „фактори“, особено не како оние и онакви за кои Историјата е оружје, наместо да биде Учителка, дециден е тој.

Шолц тргнува на мини турнеја на Западен Балкан, последни дестинации се Скопје и Софија на 11 јуни. За очекување ли е пресврт во позициите на Бугарија во однос на ветото за старт на преговори на С.Македонија со ЕУ по разговорите со германскиот канцелар? Има ли „светлина на крајот на тунелот“?  

-Не би било неточно кога би рекле дека во ситуација на една глобална и тоа воена криза, со закани за вкупната безбедност, со сите реперкусии врз економиите на сите држави во светот, лидерите на две, така да се рече, клучни држави во ЕУ да бидат „растрчани“. Се разбира секој на свој начин и заради интересите на нивните држави. Се разбира, позицијата на Германија е далеку покомпликувана со оглед на сите можни зависности (енергетски, политички, но и историски) од релациите со Русија. Од тука произлегува и големата одговорност за неа и тоа не само кон надвор, туку и кон внатре. Имено, ако едната страна од медаљата е одговорноста за состојбите во Европа вкупно, односно ЕУ, другата страна на таа иста медаља е внатрешната состојба во самата Германија, пред се во економијата.

Доминантен елемент на кризата е енергијата, но не треба да се занемарат и другите невољи, поточно падот на производството, диктирани од војната во Украина. Во Германија инфлацијата, до скоро, била економска категорија која се мерела со параметрите кои вообичаено се опишуваат безмалку како статистичка грешка а сега веќе има сосема видливи димензии. Оваа и ваква состојба на нејзината економија, колку и да е таа моќна, со големи резерви, сепак со оглед на тоа што е резултат на воениот судир во Украина кој одамна не е веќе само Руска агресија врз Украина, туку ги има сите елементи на судир на два блока, а Германија е важен дел, на еден блок на кој, да подсетам, припаѓаме и ние како држава, а за жал, не како менталитет.

Затоа канцеларот Шолц е тргнат во акција на колку-толку средување, или ајде да речеме помош, во средување на состојбите, а времето покажа дека она што на европјаните им личеше на „нужна периферија“ и тоа како е важна и дека воопшто не е „некоја периферија-таму некаде“ и дека во себе содржи огромен кризен потенцијал! Јас, со оглед на досегашно приложеното, особено бугарската позиција, не мислам дека канцеларот Шолц ќе постигне некаков напредок, па дури и да ги употреби тешките политички орудија како што се, на пример, редуцирање-секнување на некои од прочуените „чешми за пари“ (ЕУ-фондови). Едноставно, посетата ја доживувам само како подготвителна за периодот кој што следи.

Доаѓа ли во најлош момент палењето на бугарскиот културен центар „Иван Михајилов“ во Битола или сето ова може да се оцени како добро смислено сценарио со цел, како што потврди државниот врв на двете земји, „да се влошат уште повеќе односите на двете земји“?  

-Не би рекол, иако настанот во себе можеби би ги содржел импликациите кои пред се подразбираат подигање на температурата, што ќе рече „влошување“. Двете земји, да не заборавиме, се членки на НАТО и експресното доаѓање на бугарската министерка, како и, со биран и внимателен речник, оценувањето на настанот, покажаа дека „ракописот“ е препознаен (без оглед на тоа КОЈ е непосреден изведувач!) и дека набргу ќе биде ставен во категоријата на настани произведени од „трета страна“.

Дали можеби ова е последна шанса за договор, со оглед на се потврдите позиции од двете страни?  

-Па не! Очигледно е дека македонско-бугарските односи не може да се мераат со вообичаените мерења на времето, разбрано како денови, недели, месеци. Историјата не учи дека станува збор за компликуван однос, но и пристап, во кој однос Македонија и тоа не само последните триесетина години туку уште од 1941 години, јасно става на знаење дека посебноста е нејзина скапоценост и дека таа посебност ја градела, ќе ја гради без оглед на било каков вид на „коментари“ ќе наиде кај нејзините соседи, во случајов Бугарија.

Таа (Бугарија), сакате некогашната, сакате денешната никогаш не успеа да се еманципира од нејзините, како се вели „соништа“, некогаш „влажни“, некогаш „жешки“, ама секогаш доволно видливо поттикнувани од Трети Страни! Ова треба јасно да го кажеме, а и либералните кругови во Бугарија го кажуваат. За жал, бугарското општество никако не успева да произведе доволно моќна политичка структура која еднаш за секогаш ќе се пресмета со сите, грубо речено, инсталации на Третата Страна која, пред извесно време беше посочена, а станува(ше) збор за Русија во сите нејзини верзии. Било царска, било комунистичка, било Путинова!

Според тоа, иако Софија и Скопје се важни места во оваа констелација, јасно е и на ЕУ треба да и стане јасно каде и со кого да го бараат решението. Нешто кое Вашингтон и Лондон одамна го разбраа, се разбира мерено со нивната оптика(интереси). Впрочем деновиве Русија со изјави на неколку нивни високо позиционирани преставници јасно стави на знаење дека сака и понатму на Балканот да биде „фактор“, што во постапките на некои бугарски политичари и се гледа. На нас останува да се понудиме како некој кој би им помогнал на нашите соседи во процесот на еманципација (разберете го ова „еманципација“ како сакате!). Та нели сме членки на НАТО?

Колку можеме да очекуваме исполнување на барањето за внесување на Бугарите во Уставот на РСМ со оглед на ставовите на опозицијата? Дали е ова најголемиот, според вас, проблем за решение, со оглед на барањето за дво-третинско мнозинство за такво нешто?  

-Темата „бугари во Уставот“ во констелација на угоре-удолу односи е само една од темите кои идуваат интерпретирани, третирани вака или онака, а безмалку од ден во ден, различно. Македонија и до сега покажа дека нема никакви комплекси околу било чие национално изјаснување и во таа смисла и во некое „утре“ тоа ќе го покаже на дело. Нема никаква драматика во ниту едно прашање, доколку тоа прашање се поставува во околности кога учесниците се растеретени од влијанието на било какви „фактори“, особено не како оние и онакви за кои Историјата е оружје, наместо да биде Учителка.

Очекувате ли внесување на бугарските услови во преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ, нешто што „проструи“ како вест пред евентуалната посета на бугарскиот државен врв кај францускиот претседател Макрон, односно дека тој турка таква идеја….  

-Фактот дека стануваше збор за „евентуална посета“ зборува за тоа каква би била некаквата „Рамка“. Разбирливо е дека во тоа што се случуваше како некаква (апокрифна)иницијатива на францускиот претседател Макрон кој инаку деновиве испраќа понуди за „добри услуги“ при евентуални преговори, е само лесно мрдање на фигурите во средишницата на играта врз шаховската табла која никако не е само Балкан, никако не е само односи/војна Русија-Украина, туку маневрирање и (пре)групирање на интересите, силите. Тоа јасно покажува дека она што според мене е само една метафора и за потребите на дипломатската комуникација се нарекува Преговори, Рамка и којзне како уште. Ние во сета таа игра треба, ама не го правиме, бидејки очигледно ниту знаеме, ниту сакаме, да работиме кон јакненње на нашиот внатрешен капацитет, за да имаме некаква релевантност, односно третман на важен играч кој би бил прашуван за било кое решение.

Што следи за земјава, по ваше мислење, ден по завршувањето на јунскиот самит и евентуалното ново вето?  

-Па мислам дека барем еден дел од нашата политика најпосле разбра дека нашите релации со САД треба да бидат алфа и омега на нашата позиција на мапата на светот. Убаво е што се води дијалог кој ние ќе треба особено многу да го јакнеме со искрен пристап, поточно градење на внатрешната кохезија, јакнење на сите механизми на државата, општеството и наше преобликување во вистинска држава потпрена на владеење на правото и во која патологиите кои со љубов ги практицираме (корупцијата, на пример!) ќе бидат само изолирани инциденти, а не секојднева, несанкционирана, пракса.

На надворешен план, сосема сериозно треба да ги земеме на повторно разгледување, поточно јакнење, ширење на односите со Обединетото Кралство што би подразбирало, за почеток „Стратешки дијалог“, бидејќи според мене оската Вашингтон-Лондон уште долго време ќе биде нашата потпорна точка која ќе ни овозможи по лесно да дишеме во овој навистина сложен свет во кој ние сме едни од по малите, а и најмалку капацитетните. Заради нас самите, пред се! Исто така, иако не сум сигурен дека кај нас околу тоа има доволно знаење, но и желба, со оглед на нашиот доминантен „балкански курназлак“, а тоа е дека како во вицовите за најглупавиот и најпаметниот, ние секогаш сме најпаметните, нели, и да се вратам на почетокот, ТРЕБА ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД ФИКСАЦИЈАТА ЕВРОПСКА УНИЈА и да направиме чекори кон она што се нарекува НОРВЕШКИ МОДЕЛ. Што е тоа, оставам да проучите.

В.З.

Слични содржини