Исмајлоска-Старова: Меѓу земјите од „Отворен Балкан“ нема забрани за извоз, граѓаните да бидат сигурни дека ќе се надмине кризата

од Nikola Popovski

Соработката меѓу нашите држави доживеа вистински подем со иницијативата Отворен Балкан иако постоеше и претходно. Во овој момент институциите на Северна Македонија, Албанија и Србија се во редовен контакт, брзо реагираат на секој предизвик, се познаваат меѓу себе, се изградија пријателства, вели во интервју за „Локално“, националниот координатор за регионална соработка и европски интеграции, Нола Исмајлоска-Старова, која ја презема и координацијата за подготовка на договорите во иницијативата „Отворен Балкан“.

За придобивките од иницијативата, Старова истакнува дека најавен е нов театарски фестивал на Отворен Балкан а и соработка во областа на аудиовизулените уметности и филм.

Сепак, за најзначајна придобивка би ја истакнала желбата на администрацијата да биде вклучена во воој проект, ефикасноста и резултатите кои зближувањето ги носи во поглед на нови идеи, истакна таа.

Во однос на одбивањето на претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошсоки кој што треба да ја закаже седницата каде што треба да се ратификуваат договорите кои произлегуваат од соработката од Отворен Балкан, Старова смета дека изјавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека немаат доволно информации за иницијативата, очигледно е само изговор за да се закочи проектот.

Како ја оценувате досегашната соработката меѓу Албанија, Србија и Северна Македонија, како дел од иницијативата „Отворен балкан“? На кој начин може да се подобри?

-Соработката меѓу нашите држави доживеа вистински подем со иницијативата Отворен Балкан иако постоеше и претходно. Во овој момент институциите на Северна Македонија, Албанија и Србија се во редовен контакт, брзо реагираат на секој предизвик, се познаваат меѓу себе, се изградија пријателства. Ефикасноста на овој начин станува поквалитетна и иницира нови идеи за во иднина. Токму тоа е начинот за уште подобри резултати.

Колку е важно зајакнувањето на иницијативата за надминување на економските предизвици со кои се соочуваме?

-Свесни дека се соочуваме со светски предизвици за енергија и храна, експертите од нашите држави веќе изработија план за заедничко справување со кризната ситуација. На самитот во Белград веќе се потпиша договор во областа за механизмите за обезбеденост со храна. Со ова меѓу нас нема забрани за извоз и си дадовме приоритет меѓусебно, за нашите граѓани да бидат сигурни дека ќе го надминеме овој сериозен предизвик. Има план и за енергетската криза, работиме и на заедничко регионално портфолио за привлекување повеќе странски инвестиции заедно со американски експерти.

Кои придобивки од „Отворениот Балкан“ би ги истакнале како најзначајни?

-Да почнам од врвниот Саем на вино, храна и туризам кадешто 42 винарии, 3 дестилерии, десетици производители на храна, врнвни готвачи од нашата држава имаа шанса да го покажат македонскиот квалитет пред многубројните гости, извозници и политичари. Се закитивме со престижни награди за вино, разбудивме интерес за македонската туристичка понуда.

Овозможивме побрз проток на стоки со признавање на ветеринарните сертификати и авторизираните екононмски оператори.

Имаме договор за брза реакција во случај на природни катастрофи.

Веќе има значајна соработка меѓу нашите даночни управи, меѓу туристичките агенции, меѓу министерставата.

Најавен е нов театарски фестивал на Отворен Балкан, а и соработка во областа на аудиовизулените уметности и филм. Очекуваме квалитетни заеднички проекти кои ќе бидат наша гордост и одлична промоција.

Подготвени се протоколите за паѓање на работните дозволи, има догвоор и за взаемно признавање на дипломите. Го олеснуваме движењето на луѓето без долги процедури и бирократија. Веќе е подготвен документот кој преставува идентификациски број на Отворен Балкан (OB ID) кој носи слободен пристап до пазарот на труд но, во иднина и други поволности.

Сепак, за најзначајна придобивка би ја истакнала желбата на администрацијата да биде вклучена во овој проект, ефикасноста и резултатите кои зближувањето ги носи во поглед на нови идеи.

Со нетрпение очекуваме соработка меѓу младите од нашите држави, младински размени, кампови, мобилност во образованието и нови идеи за иновации, заеднички компании и поврзување.

Дали „Отворен Балкан“ има сила да ги врати од „печалба“ во своите домови членови на семејства, па и цели семејства и каков животен стандард можат да очекуваат граѓаните?

-Потенцијалот на Отворен Балкан е навистина голем. Сведоци сме на значаен интерес од САД и ЕУ за инвестирање во регионот како целина што ќе отвори нови работни места, фондови и со тоа шанса за враќање, но уште повеќе за задржување на квалитетните луѓе тука во регионот.

Чест аргумент на противниците на иницијативата е дека со неа некоја економски помоќна држава ќе ја проголта помалата, откако во случајот се посочува Србија. Колку „држат вода“ тврдењата?

-Воопшто не го гледам ова како предизвик. Конкуренцијата создава квалитет, создава повеќе можности и носи поголеми плати. И денес е Србија поголема држава и не постои голем одлив од Северна Македонија. Со Отворен Балкан се вмрежуваме токму за надминување на економските предизвици што сите ги имаме. Македонскиот квалитет може да се бори и на светскиот пазар.

Колку регионалната поврзаност може да придонесе за решавање на енергетската криза која ни се заканува оваа зима?

-Министерството за економија активно работи со своите колеги на план за решавање на енергетската криза и Премиерот веќе најави дека има решение за парното греење што ги загрижуваше сите кои живеат во Скопје, но исто така ип омош на грашаните со тоа што ќе плаќаат дури 5 пати помалку од реалната цена на струјата. За овие резултати секако допринесува и регионалната соработка. Покрај со земјите на Отворен Балкан се пристапи сериозно и со Бугарија и Грција, а во иднина иницијативата Отворен Балкан секако дека ќе ја зголемува соработката и со европските соседи.

Според вас, дали треба да му дадеме приоритет на Берлинскиот процес или на иницијативата „Отворен Балкан“?

-Мислам дека двата процеси се комплементарни и дека се чекор кој ја окажува нашата зрелост за побрзо пристапување кон Европската унија кадешто регионалната соработка е важен сегмент.

Владата вели членство во ЕУ до 2030-та е реална цел, доколку не добиеме уште некое вето од земја-членка. Со оглед дека евроинтеграциите бавно се одвиваат, можно ли е земјава да треба да се „задоволи“ само со „Отворен балкан“?

-Не постои никој на кој му е сеедно долгото чекање за почеток на преговорите со Европската унија. Сега кога тие почнаа, треба да бидеме свесни дека целиот период на чекање не помина во седење во место и имаме одлична усогласеност со европското законодавство. Желбата за напредок постои кај сите граѓани и со тоа сум сигурна дека ќе допринесат за реализација на целта. Отворен Балкан ја покажува нашата ефикасност во регионалната соработка, договорите кои се потпишани се потприраат на постулатите на ЕУ и затоа не ги гледам овие два процеси како или-или туку како множество за подобар животен стандард, реформирано општество и промоција на македонските потенцијали во секоја област.

СДСМ побара од пратеникот Антонио Милошоски да закаже седница на собраниската Комисија и да не ја кочи ратификацијата на договорите за Отворен Балкан. Како ги коментирате ваквите наводи? Дали кочењето се прави свесно?

-Со оглед на изјавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ дека немаат доволно информации за Отворен Балкан, очигледно е дека е тоа само изговор за да се закочи проектот. Самиот Мицкоски за српска Политика пред помалку од една година изјави дека ја гледа иницјативата како добра можност за регионална сорботка. Како може да биде добра пред една година а сега да не знае доволно за истата? Одговорот е јасен. Кочењето е свесно.

Слични содржини