Новиот сопственик на „Твитер“, Елон Маск, од денеска почнува со масовни отпуштања, објави компанијата во мејлот испратен ден претходно до вработените во социјалната мрежа.
„Во обид да поставиме здрав пат за Твитер, во петок ќе поминеме низ тешкиот процес на намалување на нашата глобална работна сила“, се вели во е-поштата во која „Ројтерс“ имал увид.
И „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ исто така објавија за отпуштањата, повикувајќи се на интерна е-пошта, пренесува Радио Слободна Европа.
Против компанијата е поднесена тужба поради планот за отпуштања на Маск, објави „Блумберг“, повикувајќи се на документи поднесени во федералниот суд во Сан Франциско, објави „Ројтерс“.
Веста за отпуштањата во „Твитер“ доаѓа по шпекулациите дека Маск ќе отпушти дури 50 отсто од работната сила на социјалната мрежа, само неколку дена откако стана шеф на компанијата што ја купи за 44 милијарди долари.
Ова може да значи губење на илјадници работни места, бидејќи компанијата имаше повеќе од 7.000 вработени на крајот на 2021 година.
Маск веќе отпушти некои од директорите на „Твитер“ веднаш откако ја презеде контролата врз компанијата, вклучително и извршниот директор Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и шефот за правни прашања и политика Вијаја Гада.