Испораките на руски гас за Европа во август би можеле да паднат на историски минимум, се наведува во денешниот извештај на Рускиот центар за развој на енергијата.
– Испораките на руски гас во Европа во август ќе паднат на историски минимум. Испораките од „Газпром“ може првпат да паднат на помалку од 400 милијарди кубни метри до крајот на годината – се наведува во извештајот, пренесе ТАСС.
„Газпром“ во јули испорача на Европската унија околу 3,5 милијарди кубни метри гас, што е за 25 отсто помалку од јуни, но ги зголеми приходите, се наведува во анализата.
Цената на гасот во Европа во истиот месец во однос на јуни скокна за 60 отсто. Во извештајот се додава дека цената треба да се зголеми за околу 25 отсто во август за да се компензира новиот пад на испораките преку гасоводот „Северен тек“.
Центарот не очекува ваков скок на цената на гасот, бидејќи таа е веќе на критично високо ниво за европската индустрија.