Исповед на две преживеани девојки од „Пулс“: „Луѓето паѓаа еден врз друг, не знаеме како излеговме од единствениот излез“

„Бев само на чекор од излезот. Кога го почувствував жешкиот воздух, инстинктивно ги ставив рацете преку лицето“, вели Санела Давиткова од Кочани, чие лице не изгорело, благодарение на нејзината реакција, но на нејзините раце сè уште се гледаат траги од пожарот

од Nikola Popovski
234 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5

Две девојки кои се опоравуваат од повредите здобиени во големата трагедија во кочанската дискотека „Пулс“, раскажуваат за кобната ноќ и како успеале да излезат од објектот. Надалина Грозданова и Санела Давиткова во разговор за српските медиуми објаснуваат како се справуваат со последиците.

– Беше сабота, го славиме 19-тиот роденден на нашата најдобра пријателка кај неа. И потоа петмина отидовме на настапот на групата ДНК. На почетокот сè беше нормално. Диџеј и бендот ДНК. Беше преполно, отприлика бевме третиот ред од сцената. Пиротехниката се вклучи, сè е вообичаено. Не обрнувавме внимание. И потоа, за една минута, пламенот беше насекаде, раскажала студентката Надалина за „Курир.рс“.

– Брзаме кон излезот, единствениот, а сме повеќе од 600 луѓе. Сите кон вратата. Преполно е. Моите пријатели успеаа да излезат, но јас не. Почнува напад на паника, се онесвестив. Последната слика што ја имам е луѓе како врескаат, обидувајќи се да излезат. Кога се освестив, сè беше темно. Не бев ни свесна дека се случило нешто сериозно. Можеби потсвесно се обидувам да избришам сè што сум видела, за да не се сеќавам на ништо. Кога ги отворив очите, знаев дека сум заглавена и дека морам да излезам. Хаос. Не знам ни како успеав, ако ми верувате. Тоа е виша сила, не е нешто што можете да го направите сами. Се сеќавам дека поминав низ вратата, но не можам да се сетам на она што беше околу мене . Сè е избришано – вели Надалина.

Санела, која е наставничка од Кочани, раскажала дека во дискотеката била веднаш пред сцената, под пиротехниката.

-На почетокот дури и не го сфативме пламенот сериозно, мислевме дека е дел од настапот. Сè додека пејачот не извика: „Излезете сите!“ Речиси сите од моето друштво успеаа да излезат, но тројцата се заглавивме на самата врата. Бев само на чекор од излезот. Кога го почувствував жешкиот воздух, инстинктивно ги ставив рацете преку лицето – вели Санела, чие лице не изгорело, благодарение на нејзината реакција, но нејзините раце сè уште покажуваат траги од пламенот:

– Не се сеќавам на ништо друго, мислам дека се онесвестив за момент. Не можев да дишам. Луѓето беа натрупани еден врз друг. Во толпата и врескањето, првото нешто што го видов на вратата беше моето момче. Го повикав, но не ме препозна. Сепак, ме слушна подоцна. Не знам како успеа да ме извлече. Ме остави пред дискотеката и отиде да ги земе своите пријатели, двајцата беа извлечени. Столе, едниот од нив, кого многу го сакав, беше пред амбулантното возило што ме однесе. Беше многу храбар. Постојано ми велеше дека сè ќе биде во ред. И на крајот не можеше да издржи, почина во Белград, рекла, меѓу другото, Санела.

Слични содржини