Во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во периодот 16-18 јуни, во Охрид ќе се одржи втората едиција на Преспа форумот за дијалог, насловен „Градење на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура”.
ПФД2022 ќе ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан, со посебен осврт врз импликациите на војната во Украина врз севкупните меѓународни, политички, безбедносни, економски прилики во Европа и пошироко. Дискусиите ќе бидат поделени по сесии и панели, на кои активно ќе земат учество претседатели на држави, премиери, шефови на дипломати/други ресорни министри, како и меѓународни експерти.
Потврдено е учество на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателите на Црна Гора, Косово, Словенија, Хрватска – Ѓукановиќ, Османи-Садриу, Пахор, Милановиќ, премиерот на Косово – Курти, потсекретарот на ОН за политички прашања Ди Карло, шефовите на дипломатиите на Австрија, Полска, Хрватска, Турција, Словачка, Грција, Босна и Херцеговина, Ватикан, од САД помошникот државен секретар Ескобар, евро-комесарот Вархеји, генералните секретари на ОБСЕ и СРЦ, специјалните пратеници за Западен Балкан на САД, ОК, ЕУ, Германија и Австрија, и бројни други ресорни министри за европски прашања, финансии, економија, животна средина, како и претставници на најважните меѓународни и регионални владини и невладини организации.