„Исто како да кажете ако некој тим изгуби натпревар, сите играчи и тренери да се повлечат од фудбал“, вели Ковачевски за „фрлената ракавица“ од ДУИ

од Nikola Popovski
368 прегледи

Имињата на носителите и кандидатите за пратеници ќе бидат познати кон крајот на месецот. Носители ќе бидат искусни партиски кадри и членови кои и во минатото извршувале високи позиции во партијата и државата, изјави денеска лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски за предизборието.

Екс-премиерот не сакаше да ги обелодени имињата, туку само извести дека конгресот на СДСМ ќе се одржи на почетокот на последната недела од месец март.

Околу неусвојувањето на Законот за игри на среќа во Собранието, Ковачевски информира дека „колку бил гласен или помалку за некој закон, е достапно за јавноста и може да се оцени“.

-Предлог-законот во третото читање доби 51 глас што значи дека 51 пратеници гласале за него, без разлика од која партија доаѓааат. Треба да ги прашате пратениците и партиите во однос на гласањето. Јас не сугерирам на пратениците како да гласаат – имаат суверено право како треба да гласаат во однос на интересите на граѓаните и во однос на ставот кој што го застапуваат во Парламентот, додаде бившиот премиер.

За барањето на Крешник Бектеши од ДУИ, тој што ќе ги загуби изборите – да се повлече од политиката, Ковачевски вели „тоа е исто како да кажете дека ако некој фудбалски тим изгуби натпревар, сите фудбалери и тренери веќе никогаш да се занимаваат со фудбал“.

-Политичарите се занимаваат со политика, тие нудат свои решенија, граѓаните оценуваат и проценуваат што е во нивен интерес, кажа лидерот на СДСМ, потенцирајќи дека е член на владеачката партија од 1994 година.

Членот на ДУИ и министер за економија денес ги повика останатите партии да направат договор – „тој што ќе изгуби, повеќе да не се занимава со политика“.

-Ја фрламе ракавицата, нека повелат сите партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакаат, можеме да направиме и договор. Знаат од партијата дека не можат да се мерат со ДУИ во идеи и избори. Нека повелат и јавно да потпишеме дека тој што ќе ги изгуби изборите, нема веќе да се занимава со политика. Сите изгубиле избори и тоа повеќе пати, само г-динот Ахмети не изгубил и нема да изгуби избори, кажа Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања.

Слични содржини