Историчарите со поддршка за барањето на Пендаровски: Имаме извинување од Германија кон Полска – зошто да не се извини и Бугарија?

од Nikola Popovski
425 прегледи

Македонските историчари не гледаат ништо спорно во вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека за македонско-бугарско помирување e потребно извинување од Софија за депортацијата на македонските Евреи од страна на тогашната профашистичка влада кај нашиот источен сосед. Историчарите го поздравуваат ваквото барање и истакнуваат дека прогонот бил историски факт.

Професорот на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет, Далибор Јовановски во разговор за „Локално“ вели дека не е воопшто пресилно барањето за извинување од Бугарија.

Далибор Јовановски

-Гледате дека и во Бугарија еден слој од интелектуалците побара Бугарија да се извини за тоа што го направи во Втората светска војна и ние не треба постојано да внимаваме кон некои кои ни велат дека не постоиме или даваат други коментари во однос на тоа што се случило во оние делови од Балканот кои беа под бугарска окупација. Сметам дека изјавата е на место и нема што повеќе да се коментира. Видете на пример што прават Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев или претседателот на Бугарија, Румен Радев. Тоа што го Путин го изјавува за Украинците, Бугарија за нас го мисли и тоа е повеќе од јасно, порачува Јовановски.

Тој не смета дека односите би се влошиле после изјавата на Пендаровски бидејќи како што тврди, „постојано од таму добар дел од нивната елита тврди дека сме измислена нација и дека ја фалсификуваме историјата“.

-Понекогаш треба, не поради внатрешна политика, да се слушне и размислувањето кое можеби некои од соседите треба да го слушнат. Цело време ако се повлекуваме и ќутиме, не води никаде. И во Бугарија се водат внатрешни дискусии за тој настан. Тоа не е нешто измислено. Треба усогласување меѓу сите политички чинители во Македонија за стратешките цели. Тука е рак-раната на македонското општество бидејќи 30 години немаме никакви усогласувања и од власта и од опозицијата, како и од помалите заедници, потенцира историчарот.

За тоа дали и како да се сопре користењето на историјата за политички цели, проф. Јовановски дава неколку примери од светот каде што таа е употребена и страните дебатираат.

-Не е единствен случај на Балканот и односите меѓу Македонија и Бугарија и историјата. Ги има и во Европа и затоа постојат тие комисии кои даваат релативно слаби резултати. На пример Французите и Германците успеаа нешто да направат, меѓутоа односите не им беа најдобри до пред некоја недела, па Макрон и Шолц мораа да ги ускладуваат или видете го случајот со полско-германската комисија, каде што Полјаците се повлекоа од издадена 4-та книга заради реакции дома, така да во светот на многу места како Корејците и Јапонците и Кинезите и Јапонците постојат несогласувања и тука има помешувања меѓу историјата и политиката. Се прават различни студии на Исток и Запад како тоа да се надмине или па како да се искористи. Ќе се случува и понатаму бидејќи имаме свет кој што се менува и кој што не можеме да претпоставиме како ќе биде за една или две години. Во историјата цело време има глобализација. Политичарите ќе ја користат историјата во свои цели, објаснува историчарот.

Професорот Никола Минов од Институтот за историја при Филозофскиот факултет обелоденува дека веќе постои преседан околу извинување за злосторства од Втората светска војна.

Никола Минов

-Имаме извинување од Германија кон Полска. Зошто да не се извини и Бугарија? На сите тие закани што стигнуваат од таа страна, можеби треба се побара едно вакво извинување, без страв како ќе се рефлектира. Затоа што ако продолжиме да се плашиме дали тајмингот е во ред и дали ќе имаме од бугарска страна негативна реакција, тогаш нема да стигнеме никаде и ќе добиваме повеќе уцени, вели Минов за „Локално“.

Историчарот не верува дека изјавата на Пендаровски ќе ги влоши односите.

-Нема да им биде пријатно на Бугарите. Засега имаме премолчување од официјалните власти таму, така да мислам нема да дојде до влошување на односите, но сигурно нема да дојде и до подобрување, нагласува Минов.

Смета дека би било идеално Владата и претседателот за стратешки цели во однос на надворешна политика, да настапуваат усогласено, но во овој случај, мисли дека усогласеноста би била „виткање на кичма“ и лично е против такво нешто.

-Со децении јас и колегите го бараме тоа да не се мешаат историјата и политиката, но историјата е злоупотребувана. Не го знам решението, мислам дека ќе ја злоупотребуваат за свои политички цели, иако многу често самите тие политичари повикуваат да се злоупотребува и да им биде оставена на историчарите, а токму тие се истите кои ја злоупотребуваат и што не ни ја оставаат на нас, заклучува проф. Минов.

Н.П.

Слични содржини