Историја на повидок: Африкански или азиски папа за првпат по векови?

од Љубиша Владимиров
28 прегледи

За прв пат по векови, 1,3 милијарди католици би можеле да добијат папа од Африка или Азија, региони кои традиционално се недоволно застапени на врвот на Црквата. По смртта на папата Франциск, Католичката црква се наоѓа на пресвртница, бидејќи Колеџот на кардинали се подготвува да се собере во Ватикан за да избере нов врховен водач, пишува Анадолија.

За прв пат по векови, можно е новиот папа да дојде од Африка или Азија, региони кои досега беа маргинализирани во највисоките црковни кругови. По погребот на папата Франциск ќе започне конклавата, свечен и таен процес кој се одржува во Сикстинската капела, каде кардиналите помлади од 80 години гласаат во повеќе кругови сè додека еден кандидат не освои двотретинско мнозинство.

Папата Франциск почина во понеделник наутро, на 88-годишна возраст, по долго боледување. Роден во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина, на 17 декември 1936 година, папата Франциск беше личност која повеќе од една деценија предизвикуваше и восхит и контроверзии. Иако Европа традиционално доминира со папската функција, сè повеќе внимание се посветува на кандидатите од т.н. Глобален југ, што ги одразува промените во влијанието во Црквата.

Петер Турксон

Кардиналот Петер Турксон од Гана се смета за еден од најенергичните и меѓународно почитувани црковни водачи од Африка. Поранешен архиепископ на Кејп Коуст, 76-годишниот Турксон беше назначен за кардинал во 2003 година од папата Јован Павле Втори, и имаше истакната улога под папата Франциско како шеф на Папскиот совет за правда и мир. Познат е како борец за заштита на животната средина, борец против сиромаштијата и за економска правда. Папата Франциско го испрати како мировен пратеник во Јужен Судан. Доколку биде избран, Турксон ќе биде првиот папа со темна кожа во модерната историја, потег што може дополнително да ги зајакне врските на Црквата со Африка.

Луис Антонио Тагле

Луис Антонио Тагле, поранешниот надбискуп на Манила, познат и како „Францис од Азија“, е еден од водечките кандидати. Денес служи како префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите. Тагле (67) се смета за либерален кардинал и гласен поборник за социјална правда, инклузивност и сочувство за сиромашните и маргинализираните. Неговиот избор би бил историски момент, тој би станал првиот папа од Азија.

Пјетро Паролин

Кардиналот Пјетро Паролин ја извршува функцијата државен секретар на Ватикан од 2013 година. Седумдесетгодишниот Паролин е еден од најискусните членови на Куријата и е дел од Советот на кардиналите од 2014 година. Познат е по неговиот ангажман во борбата против сиромаштијата и климатските промени, како и по значајната улога во преговорите со Кина и земјите од Блискиот Исток.

Петер Ердо

Петер Ердо е унгарски кардинал и надбискуп на Естергом-Будимпешта од 2003 година. Доколку биде избран, тој ќе биде вториот папа од поранешниот советски блок, по Јован Павле Втори. Меѓу останатите кандидати се издвојуваат Роберт Сара од Француска Гвајана, Матео Зупи од Италија (архиепископ на Болоња), и Марио Грех од Малта.

Слични содржини