Веќе и малите деца знаат дека мицињата од мицковистичко дпмне се политички слуги на олигарсите, партиите на албанското малцинство, и САД (со се ЕУ). Тоа се трите столба врз кои се конституираше и до ден-денес е втемелен диктаторскиот режим во мициленд. Ние, обичните кутри жители на мициленд, не-мицињата, на тој начин сме приморани да го трпиме режимот и живееме во систем на тројно угнетување и ропство – интересите на богаташите, интересите на САД и ЕУ, и апсолутна доминација на интересите на албанското малцинство. Тоа е клетата судбина на не-мицињата денес. Уште повеќе, дамнешен емпириски факт е дека „патриотското“ мицковистичко дпмне е политички слуга и на Влен во рамките на режимот (МИЦИЊАТА КАКО ПОЛИТИЧКИ СЛУГИ НА БИЉАЛ КАСАМИ), со што се удвојува силата на албанското малцинство односно нивните политички претставници во мициленд.
И затоа, ете гледате, зачестија триумфалните врисоци „учк“ среде центарот на Скопје и срамното криење на „комитите и војводите“ од демек патриотското дпмне, кои замислете го тој апсурд, не смеат дури ниту да писнат а скраја да е критички изјави да дадат, ете на тоа дереџе спаднаа „наследниците“ на славното ВМРО. Се виде тоа, најново на тој некаков си протест со барања за уште едно кршење на Уставот и законите под маската за јазични права и низ изјавата на еден од лидерите на Влен (кои, толку е очигледно, инаку се политички газди во владата на мицковистичко дпмне. Победничката и дрска изјава дека „Правосудниот испит ќе се полага на албански јазик“, како и тажните изјави на оние од Сдсм со кои ги поддржуваат овие антиуставни барања, среде громогласниот молк на „патриотите“ мицкови, недвосмислено упатуваат дека за жал не очекува уште едно политичко предавство на основните национални интереси. Ете, „војводите“ во владата на мицковистичко дпмне, веќе напишале некаков си закон за правична застапеност – па замислете ја таа бизарна слика како брадосани со кокарди и малихерки јаваат коњи и веат Македонско знаме а пишуваат и сигурно ќе гласаат закони кои дури ниту Сдсм во времето на Заев не ги пишувале и гласале.
И така, всушност, ништо ново во мициленд – веќе 35 години македонските политички партии се натпреваруваат кој ќе биде посервилен кон албанското малцинство (односно дел од Албанскиот народ, според Уставната формулација) а од друга страна политичките партии на албанското малцинство се натпреваруваат кој ќе биде порадикален и подрзок. Формула за пропаст, како што се гледа, бидејќи според сите параметри сме убедливо налошата земја за живење на Балканот, во Европа и пошироко.
Се разбира, сите, вклучително и мицињата, знаат дека таканаречениот закон за јазици од 2018 година на заево Сдсм е противуставен, дури и Венецијанската комисија го сугерира тоа иако очигледно се труделе да го изразат истото со избегнување на политички значења на правната терминологија. Сите знаат, освен можеби мицињата буџетари и оние смешни апологети на антиуставни националистички барања од венково Сдсм дека целта е целосна употреба на албанскиот јазик и во правосудниот систем, што би не направило прва држава во историјата на планетата Земја со таква целосна двојазичност која веројатно брзо ќе доведе до федерализација барем формална ако не во прво време и територијална.
А нема да ни биде првпат да бидеме „најпаметни“ во историјата на планетата Земја. Имено, па токму несреќната приказна со т.н. охридски рамковен договор, кој денес, за жал, е дури и дел од актуелниот Устав на РСМ, во историски и планетарни рамки е еден од најдеструктивните политички „договори“ кој се склучил и случил. Не постои дури ниту сличен „договор“ на овој, односно ваков „рамковен“ Устав во историјата но и современата реалност во светот. Тој е уникатен, тој е светско-историски преседан – не постои такво нешто никаде во светот, разгледајте ги Уставите на други држави и ќе се уверите и сами во тоа. Мојата и на многу други луѓе веќе со децении критика на овој договор, главно е втемелена на две групи на факти. Прво, фактот дека државата не смееше да се оддалечи од современите и општо важечки модели на Устав и закони – што со рамковниот го направи; и второ, фактот дека тој е сам по себе, посебно во практична смисла, антидемократски, дискриминаторски за волјата на мнозинството (што е прв принцип на демократијата, секако, со задржување на сите механизми за заштита на загарантираните права на малцинствата). Рамковниот е директно спротивен на принципите на граѓанското општество, каде што сите се еднакви со правата и обврските, сите се еднакви пред законите, за сите подеднакво важат законите. Јасно е дека по 2001 година оваа држава во определан смисла не е правна држава, со современа функционална демократија, посебно заради тој фамозен принцип на Бадинтер односно двојното мнозинство, и воопшто не е упатена кон креирање и развој на современо граѓанско општество.
Понатаму, и емпириски и научен факт е дека после рамковниот сите можности за развој на граѓанска свест беа елиминирани од државниот дискурс. Рамковниот не интегрира, не насочува кон заеднички вредности и закони – токму напротив! Тој ги поттикнува поделбите во општеството по сите линии, од јазик преку образование до надворешна политика. Многу работи во нашата држава се первертираа како резултат на тој„договор“.
Ненормални нешта ни се случуваат токму заради него, многу негативни процеси и факти се токму заради неговата имплементација, и тоа мислам дека веќе им е одамна јасно на повеќето Македонци па и политички „елити“. Проблемот зошто сеуште не е создадена јавно-политичка атмосфера за негово фрлање во ѓубриштето на Македонската историја, се предавствата за власт и фотељи на некои политички партии и интересите на моќни фактори во ова „наше“ општество и држава. И кои, меѓу другото, го оневозможуваат дури и самото аргументирано истакнување на апсолутниот факт – дека заради рамковниот, Македонија, потоа Северна а денес мициленд не е практично повеќе држава, на некој начин. Токму заради тоа, денес дури и како историска неопходност мора да се отстранат бројните дестабилизирачки па дури и деструирачки трендови врз самите структури на државата кои извираат најдиректно од тој „договор“.
Таканаречениот Охридски рамковен договор не е функционален, тој не е направен како одраз на природен политички развој, како одраз на волјата на граѓаните и институциите во име на нови продуктивни можности за развој на државата и сите граѓани на истата. Тој е, симплифицирано кажано, октроиран договор кој нема легитимитет а на подлабоко ниво ниту легалитет. Македонскиот народ е и колективно и индивидуално дискриминиран со рамковниот договор односно актуелниот Устав. Па, што е тој друго освен дискриминација на граѓаните, вештачко елиминирање на највисоките вредности на граѓанското општество и правната држава? Ние, граѓаните, од денот кога за жал и изгласан во Собранието, се соочуваме со класични облици на дискриминација кои ширум светот не постојат уште од времето на апартхејдот во ЈАР, и се осудени секаде освен кај нас. Зошто во Франција нема рамковен договор за правата на Алжирците, или во Германија за правата на Турците? За Баските во Шпанија? На пример, зошто во Германија нема државни универзитети на турски јазик, или вработувања во нивната армија и полиција по етнички, малцински квоти? Метафорично кажано, денес со рамковниот во мициленд ние сме како во орвелова фарма, некои се подеднакви од другите, и тоа двојно подеднакви, ем мициња ем рамковни. Кутрите ние не-мициња, двојно угнетувани во мициленд.
Не треба да се прави поделба на граѓаните според етничката, национална припадност – така е насекаде во високо-развиените демократски држави. Албанското малцинство, како и сите други и како и насекаде во светот, треба да ги има сите права на национално малцинство. Ништо повеќе и ништо помалку. Какво граѓанско општество може да има кога има квоти и бројки за се, па еве „благодарение“ на лажните патриоти од мицковистичко дпмне дури и закон за „правична (?!) застапеност, само за едно малцинство како пресуден критериум за се, а не квалитет и еднакви услови за сите? Во таа смисла, јасно е дека граѓаните, и Македонците, Македонскиот народ, се практично дискриминирани во својата единствена национална држава. И затоа, истиот мора легално да биде укинат, поништен, прогласен за правно ништовен – со гласање во Собранието, законодавниот дом, таму каде што и беше октроиран. Таа несреќна фаза од историскиот развој на оваа држава навистина мора да биде надмината, затоа тоа што тој договор немаше никаков легитимитет ниту тогаш, во 2001 година, а времето докажа дека е тотално нефунционален и не придонесува за развиток на државата, туку токму напротив. Во тој контекст, охридскиот рамковен договор е најголемиот современ пораз на граѓаните кои живеат во оваа држава и Македонскиот народ, и затоа, историска нужност е истиот, легално и демократски, да биде делегализиран односно поништен.
Маакедонија, потоа Северна а денес мициленд, ако сака да биде држава, како и сите држави во светот, мора да се врати на онтолошкиот факт дека е држава на историскиот носител на државноста, Македонскиот народ. А, во оваа држава (ако воопшто мициленд може да се нарече држава) има еден народ – Македонскиот народ. Секако , има и национални малцинства односно делови од народи кои живеат во оваа држава и кои, се разбира, треба и мора да ги имаат сите права според меѓународните стандарди, конвенции, акти. Ништо помалку, но и ништо повеќе од тоа. Се додека оваа држава не се врати кон меѓународното право, стандарди, принципи на функционирање, објективно ќе постои опасност од секаков вид на дестабилизација. Како што уставно е уредена Германија, Франција, Шпанија, Италија, итн., така треба и мора да биде уредена и Македонија, денес мициленд.
Барањето за излез од ќорсокакот наречен мициленд, значи и можност за нова историска одговорност, радикална критика на 35 –годишното пропаѓање и националната децентрираност. Во општественото делување мора да се врати изгубениот дел од соништата, барем на нас не-мицињата, граѓаните кои сме помалку рамноправни од други граѓани и од мицињата. Нашето, Македонското, во проблемите кои мораме да ги решиме, не смее да се потисне, повторно, од неидентификувани центри на моќ или од политичките предавници на идеалите и парадигмата ВМРО, денес наречени мициња. Не смеат повторно да не совладаат фаталните илузии со кои гебелсовски се индоктринира Македонската национална свест со некакво „пограѓанствување“ на Македонскиот субјективен национален и државен идентитет, најдлабоката сопствена стварност, вистината за нас.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот