Земјите кои учествуваат на климатскиот самит COP27 во Египет рано утринава постигнаа договор за формирање фонд за помош на сиромашните земји погодени од климатските промени и катастрофи.
По преговорите што траеја неколку часа, египетското претседателство на самитот COP27 го објави текстот на договорот, кој предвидува формирање фонд за помош на земјите во борбата против поплавите и сушите, но договорот не ги поттикнува напорите за сузбивање на штетните емисии на гасови кои доведуваат до такви појави, пренесе Ројтерс.
Според агенцијата, добар дел од одлуките во врска со формирањето на тој фонд, сепак, биле одложени за следната година, кога „транзицискиот комитет“ треба да даде препораки кои потоа би биле усвоени на следниот самит COP28 во ноември 2023 година.
Одлуката COP27 веќе се споменува како историска, а беше усвоена со консензус на повеќе од 200 земји на пленарното собрание со громогласен аплауз.
Договорот ја нагласува непосредната потреба од нови, дополнителни, предвидливи и соодветни финансиски средства за помош на земјите во развој кои се особено чувствителни на економските и неекономските ефекти од климатските промени.
Меѓу овие можни начини на финансирање е создавањето на „фонд за одговор на загуби и штети“, што е силна заложба на земјите во развој, кои се обединија околу ова прашање.