Основното јавно обвинителство Битола отворило истрага против 71-годишен жител на градот, осомничен дека извршил полов напад врз осумгодишно дете.
Како што информираат од Јавното обвинителство, настанот за кој се товари битолчанецот се случил на 25 септември во неговиот дом каде го заклучил детето.
„Осомничениот 71-годишник на 25 септември, во својот дом во Битола, извршил други полови дејствија врз осумгодишно дете, кое го заклучил во станот. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“,стои во соопштението.
Судијата, како што се додава, го прифатил предлогот и на осомничениот му одредил притвор од 30 дена.
Како што информираат од Обвинителството, осомничениот се гони за кривичното дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик, за што е предвидена затворска казна од најмалку осум години.