Истрага во Конгресот: Помпео ангажирал телохранители во приватни цели

од desk2
69 прегледи

Американскиот Конгрес започна истрага по информацијата дека државниот секретар Мајк Помпео ја користел својата безбедносна служба во приватни цели, јави синоќа Си-Ен-Ен.

Се дознава дека наредбите што ги давал Помпео на лица од неговата лична заштита, ги надминувале рамките на нивните директни надлежности.

Извори од Конгресот укажуваат дека истрагата што започнале да ја водат разни конгресни комисии започнала по дојава од „свиркач“ во Администрацијата. Од дојавата се дознало дека Помпео понекогаш ги ангажирал своите телохранители да му носат оброци од кинески ресторан, потоа тие го превезувале неговото куче од салон за домашни миленичиња, или неговиот малолетен син.

Според Си-Ен-Ен, работата на безбедносните служби се плаќа од парите на даночните обврзници и противзаконски е кога официјални државни службеници ангажираат подредени лица за потреби надвор од нивите надлежности.