Истрага во Лондон: Извикувале грозоморни антисемитски пораки од автомобил, се огласи и Џонсон (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Британската полиција отвори истрага за видеа на кои се гледа како луѓето извикуваат насилни антисемитски пораки од конвој автомобили додека возат низ Лондон.

Снимката објавена на социјалните мрежи вчера покажува неколку автомобили со палестински знамиња како минуваат низ област во северен Лондон, кој е познат со голема еврејска популација.

Во еден момент се слуша како маж преку разглас довикува пцовки и, меѓу другото, вели: „Силувајте им ги нивните ќерки“.

Лондонската полиција изјавила дека работи на утврдување на идентитетот на одговорните лица и додала дека „ваквиот тип на однесување нема да се толерира“.

Британскиот премиер Борис Џонсон ја осуди содржината на снимката.

„Нема простор за антисемитизам во нашето општество. Стојам покрај британските Евреи кои не треба да бидат изложени на срамниот расизам што го видовме денес“, напишал Џонсон на Твитер.

Илјадници демонстранти протестирале вчера пред израелската амбасада во Лондон, поради израелските воздушни напади врз појасот Газа оваа недела.

Најмалку 188 Палестинци и осум Израелци се убиени од почетокот на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас, кој владее со Газа.

Слични содржини