Истрага за напад врз полициски службеник во Чаир

од Берта Китинска
340 прегледи

Републикото јавно обвинителство денеска извести дека започнало истрага за саботниот оружен инцидент кој се случи во скопската населба Чаир. Истражителите велат дека осомничениот 28-годишник, на 23 мај, пред угостителски објект на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Скопје, нападнал и телесно повредил полициски службеник – началник на ЕВР Чаир, кој постапувал и вршел контрола на службите на терен во врска со кампањата „Безбедна матурска прослава“.

„Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка „Сиг Сауер“ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото​“ известија од ОЈО.

Слични содржини