Основното јавно обвинителство Скопје наредило спроведување истражна постапка против 26-годишник за кривично дело разбојништво, во кое учествувало уште едно лице на чие идентификување се работи.
-Двајцата соизвршители, на 14 февруари во попладневните часови, кај поранешно „Дрводекор” на кејот на Вардар, нападнале еден оштетен, му впериле нож во грбот и со употреба на сила и сериозна закана му одзеле 3.000 денари. Потоа го удриле неколку пати и избегале, информира државното Јавно обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот 26-годишник поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
-При предлагањето на најстрогата мерка за обезбедување, обвинителот имаше предвид дека кривичното дело е извршено сред бел ден, во строгиот центар на градот, на локација со голема фреквенција на луѓе, па ценеше дека обезбедувањето на осомничениот е во функција и на заштита на граѓаните и нивното безбедно движење. Надлежните органи преземаат дејствија за откривање и на неговиот соизвршител, информира ЈОРСМ.