Истрагата за трагедијата продолжува: Бугарски обвинители доаѓаат во Скопје

од Берта Китинска
279 прегледи

Истрагата за трагедијата на автопатот Струма продолжува.

Обвинител и истражител  од Бугарија денеска ќе пристигнат во  Скопје каде од роднините на загинатите ќе земат ДНК материјал. Ова ќе овозможи побрзо да се идентификуваат жртвите. Ќе се бараат и документи поврзани со опожарениот автобус

Во меѓувреме, истрагата ги проверува исказите на сведоците и се обидува да утврди колку по огнениот пекол има згинати лица. Човечка грешка е водечката верзија на трагедијата на автопатот Струма. На местото на несреќата се констатирани лоши ознаки на патиштата, лоша сигнализација и лоша организација на сообраќајот. Собраните материјали категорично ги отфрлаат верзиите дека пожарот настанал од шверц на гориво или терористички чин. Автомобилски експерти продолжуваат да ги анализираат можните причини за трагедијата.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера потврди дека македонските власти земале биолошки материјал од роднините на загинатите во Северна Македонија за да се направат ДНК тестови и да се идентификуваат телата.

Јовески во интервју за ТВ Сител синоќа наведе дека првенствена цел на посетата на бугарските истражители и на еден јавен обвинител е да се подигнат материјалите од Судска медицина кои се земени од роднините на загинатите и извршените ДНК анализи, кои потоа ќе се компарираат со обдукцијата на загинатите лица во Бугарија и нивната ДНК анализа.

– Целосно е завршено земањето на материјал и извршени се ДНК анализите. Јас имам уверување од директорот на Судска медицина дека утре најдоцна до 12 часот овие материјали ќе бидат комплетно обезбедени за да може да им се предадат на истражителите од Бугарија. Верувам дека тоа ќе биде брзо. И бугарската и македонската страна работи на тоа што побрзо да бидат пренесени остатоците во земјата и да бидат предадени на нивните блиски. Утврдувањето на идентитетот на загинатите во незгодата нема да трае долго. Очекувам во следните неколку денови тој процес да заврши. Јас имам информација дека обдукциите во Бугарија се завршени, извршени се ДНК анализи на загинатите. Таму ќе треба само тие податоци да се споредат, верувам дека тој процес нема да одземе повеќе од неколку денови, истакна Јовески.

Слични содржини