Истражување: Кои се несаканите ефекти од третата доза од вакцината Фајзер?

од Берта Китинска
333 прегледи

Повеќето луѓе кои ја примиле третата доза на вакцината Фајзер за ковид-19 доживеале несакани ефекти слични или помали отколку по примањето на втората доза, покажа првичната студија во Израел.

Пред околу десет дена, Израел започна да нуди вакцинација од трета доза на луѓе постари од 60 години, како дел од напорите да се забави ширењето на делта сојот

Најголемата израелска здравствена установа, Клалит, во неделата објави дека вакцинирала повеќе од 240.000 луѓе со третата доза Фајзер. Околу 4.500 луѓе кои ја примиле третата доза од 30 јули до 1 август одговориле на прашања и биле вклучени во истражувањето.

Осумдесет и осум проценти од учесниците во студијата рекле дека се чувствуваат „слично или подобро“ во деновите по добивањето на третата доза во споредба со она што се чувствувале по втората доза.

Триесет и еден процент пријавиле некои несакани ефекти, а најчеста била болката на местото на инјектирање.

Околу 0,4 проценти од испитаниците рекле дека страдаат од тешкотии при дишењето, а еден процент изјавиле дека побарале лекарска помош поради еден или повеќе несакани ефекти.

Шефот на одделот за истражување на Клалит, Ран Балисер, рече дека резултатите, иако се „првични и само-пријавени“, овозможуваат споредба на несаканите ефекти со втората доза и „излегува дека во повеќето случаи тие се слични и со трета доза “.

„Иако се уште немаме долгорочно истражување за ефикасноста и безбедноста на третата доза, овие наоди продолжуваат да укажуваат на придобивките од вакцинацијата, со претпазливост кај возрасните и избегнување на собири во затворен простор “, рече Балисер .