
Медот може да помогне повеќе при кашлање и настинка од лекови без рецепт, покажува нова студија.
Истражувачите велат дека медот е поефикасен во олеснување на симптомите на настинка и грип отколку вообичаените комерцијални лекови и дека може да биде побезбедна, поевтина и поприфатлива алтернатива на антибиотиците, пренесува CNN.
Тие ги охрабрија лекарите да размислат да препорачуваат мед на пациентите наместо да препишуваат антибиотици, што може да предизвика несакани ефекти и може да доведе до отпорност на антибиотици во случај на нивна употреба.
Медот долго време се користи како домашен лек за кашлица, но неговата ефикасност не е доволно истражена.
Научниците од универзитетот Оксфорд анализирале постојни докази за да откријат како медот влијае на симптомите на инфекција на горниот респираторен тракт.
„Медот беше подобар од вообичаената грижа за ублажување на симптомите на инфекции на горниот респираторен тракт“, напишале во стручното списание BMJ Evidence-Based Medicine.
„Обезбедува широко достапна и ефтина алтернатива на антибиотиците. Медот може да помогне во напорите да се забави ширењето на антимикробниот отпор, но потребно е дополнително, плацебо контролирано тестирање“, наведуваат тие.
Истражувачите ги собрале резултатите од 14 студии, од кои девет вклучиле само деца. Повеќето го споредуваат медот со поконвенционален третман, како што се земање на лекови без рецепт.
Исто така, претходните истражувања заклучиле дека медот убива бактерии, а студиите исто така покажале дека е ефикасен против десетици видови, вклучувајќи Е.коли и салмонела. Понатаму, се покажа дека посебен вид мед од Нов Зеланд, наречен „манука“, и малезискиот „туаланг“ е добар во борбата против стафилококите и дигестивната бактерија „H. pylori“ што предизвикува чирови на желудникот.
Друга студија во која учествувале 139 деца откриле дека медот е подобар за олеснување на ноќните кашлици од популарниот декстрометорфан и дифенихидрамин.