Пандемијата на коронавирус влијаела на навиките за употреба на дрога во европските земји, зголемувајќи ја потрошувачката на канабис и намалувајќи ја злоупотребата на дрогите од клубовите како екстазите и дериватите на амфетамин МДМА, покажува студијата на Европската агенција за дроги (EMCDDA).
Студијата, која од март до април 2021 година опфати речиси 50.000 луѓе (48.469) во вкупно 30 европски земји, вклучително покажа дека канабисот и екстазите се дрогите, на чија употреба најмногу влијаеле мерките за ограничување на пандемијата и локдаунот, пренесува „N1“.
Во онлајн анкетата биле вклучени возрасни граѓани кои признале дека користеле некои нелегални дроги барем еднаш во првата година од пандемијата, до периодот на анкетата, и кои се согласиле да одговараат на прашања.
Во 21 земја-членка на ЕУ и Швајцарија, дури 93 отсто од испитаниците во истражувањето изјавиле дека користеле канабис, во кој разликите од земја до земја се многу мали.
Следат МДМА и екстази со 35 отсто, кокаин со 35 отсто и амфетамин (28 отсто), при што редоследот на трите дроги се разликува во одделни земји.
Речиси една третина од испитаниците (32 проценти) рекле дека консумираат повеќе канабис, а 42 проценти користеле помалку МДМА/екстази отколку претходно.
Една петтина (20 отсто) од испитаниците изјавиле дека користеле ЛСД, 16 отсто од нив користеле нови психоактивни супстанци и 13 отсто кетамин. Иако само 3% од учесниците во истражувањето пријавиле консумирање хероин, повеќе од една четвртина од нив (26%) рекле дека користеле хероин повеќе од вообичаено во текот на набљудуваниот период.
Во пет земји од Западен Балкан, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и С. Македонија, кои за прв пат учествуваа како партнер на ЕМЦДДА благодарение на претпристапниот фонд ИПА7, истражувањето опфати одговори од 2.174 граѓани. И овде се покажа дека во првата година од пандемијата најмногу испитаници (91 процент) користеле канабис. Следува кокаин (38 проценти), МДМА/екстази (22 проценти) и амфетамин (20 проценти).
И во Западен Балкан, се покажало дека за 32% од испитаниците ја зголемиле потрошувачката на канабис, додека 34 отсто ја намалиле потрошувачката на MDMA/екстази.
Испитаниците го навеле сопствениот дом како најчесто место за користење дрога. Во ЕУ и Швајцарија процентот е 89 отсто, а на Западен Балкан 72 отсто, што, според агенцијата на ЕУ, е последица на карантинот и пандемските мерки за затворање на ноќни клубови и кафулиња.
Во Западен Балкан, после нивниот сопствен стан или куќа, најчести места за употреба на дрога биле јавните простори и паркови (57 проценти), музичките фестивали и забави (42 проценти) и баровите и ноќните клубови (33 проценти).
Се додава дека во истражувањето учествувале повеќе од сто организации, вклучително и универзитети и невладини организации и национални контакт центри во земјите кои не се членки на ЕУ.