Сексуалниот однос е корисен не само за репродукција, туку и за здравје и емоционална поврзаност бидејќи го зголемува нивото на љубовниот хормон, окситоцинот во мозокот. Но, обдукциското истражување покажува дека тоа не е целосно без ризик, односно дека може да биде причина за ненадејна смрт, не само кај постарите, туку и кај помладите, но и кај жените.
Во новото истражување, објавено во списанието JAMA, научниците истражувале 6.847 случаи на ненадејна срцева смрт пријавени во Центарот за срцева патологија на Универзитетот Сент Џорџ во Лондон од јануари 1994 година до август 2020 година.
Од пријавените ненадејни смртни случаи, 17 или 0,2 отсто се случиле за време или еден час по сексуалниот однос. Просечната возраст на смртни случаи од сексуален однос била 38 години, а процентот на жени бил 35 отсто, што е нешто повисок процент отколку што бил забележан во претходните студии.
Интересно е тоа што студијата покажа дека регистрираните смртни случаи главно не биле предизвикани од срцев удар, како што често се случува кај постарите мажи. Во 53 проценти од случаите, обдукцијата покажала дека срцето на починатиот е структурно нормално и дека причината за смртта е ненадеен абнормален срцев ритам познат како Синдром на ненадејна аритмичка смрт (САДС).
Втората најголема причина за ненадејна срцева смрт поврзана со сексуален однос од околу 12 проценти била аортната дисекција. Тоа е многу сериозна состојба во која пукаат слоевите на ѕидовите на големите артерии кои го снабдуваат целото тело со крв.
Останатите случаи во студијата се должат на структурни абнормалности како што е кардиомиопатија (болест на срцевиот мускул што го отежнува срцето да пумпа крв) или поради ретка група генетски состојби познати како каналопатии.