Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција ги претставија наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2025 година на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница”. Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа која дава резиме на вкупните перформанси на локалната самоуправа со патоказ од препораки за унапредување на состојбата. Истражувањето беше спроведено од 1 февруари до 30 април 2025 година.
Во споредба со 2024 година (37%), во 2025 година просекот на отвореност достигна 40% што е пораст за 3%. Иако се видливи напорите на одредени општини да ја зголемат својата отвореност, овој процент сепак покажува ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт во Северна Македонија.
Во 2025 година, наодите од Индексот на отвореност покажаа дека најотворените единици на локална самоуправа се Крива Паланка (71%), Берово (69%), Демир Хисар (68%), Кочани (66%), Битола, Делчево и Карпош (63%), Валандово (62%), Богданци, Велес и Кичево (58%), Гази Баба и Гевгелија (57%), Прилеп (56%), и Василево (55%), наспроти најзатворените помеѓу кои Демир Капија (8%), Сопиште (10%), Лозово и Студеничани (13%), Кривогаштани и Чучер Сандево (16%), Врапчиште и Росоман (17%) и Шуто Оризари (19%).
Исто како во 2024 година, во 2025 година единиците на локална самоуправа имаат највисока просечна оценка во областа транспарентност (49%), а најниска просечна оцена во областа свесност (24%). Најголем напредок се забележува во областите транспарентност, свесност и интегритет односно зголемување за по 3%. Иако се забележува напредок од 2%, овој низок резултат во областа свесност (24%) повторно укажува на слабиот квалитет на планирањето, програмирањето, мониторирањето и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат локалните самоуправи.