Речиси половина од македонските граѓани веруваат дека Србија е наш најголем пријател, покажа објавеното истражување на институтот „Преспа“ од Скопје.
Според тоа истражување на јавното мислење, одговорот на прашањето која земја или меѓународна алијанса/сојуз е најголемиот пријател на Северна Македонија, Србија е неспорно на врвот со 45,3 отсто.
Србија на листата забележала пораст од околу 30 процентни поени за три години, бидејќи во 2020 година 14 отсто од испитаниците ја сметале Србија за најпријателска земја, а лани тој процент се зголемил на 38,6 отсто.
„Најважен критериум за нашите граѓани за тоа кој е пријател или не, се заедничките интереси и вредности, но не толку демократскиот придонес или економијата и соработката што ја имаме со таа земја“, рече Ивана Јордановска, надворешен соработник и истражувач од институтот „Преспа“.
Меѓу причините за значителниот скок на Србија минатата година во однос на 2020 година, според истражувачите, може да биде периодот пандемијата со Ковид-19 во кој Белград ни донираше вакцини, додека оваа година таа улога ја одигра решавањето на црковното прашање.
По Србија, на прашањето за најдобар пријател на Македонија, следат Косово со девет отсто, а претходно со 5,6 отсто, САД со 6,8 отсто, Турција со 6,6 отсто и Албанија со 5,6 отсто од гласовите на испитаниците.
Само 0,2 отсто од граѓаните на Македонија ја сметаат Бугарија за најдобар пријател, а 0,5 отсто Грција.
Србија беше одговорот на 62,8 испитаници на прашањето „со која земја или меѓународна алијанса/сојуз Северна Македонија споделува најмногу вредности или интереси и затоа треба да има најблиски односи?“.
На прашањето кои се овие вредности или интереси, македонските граѓани најмногу укажале на културата, религијата и традицијата.
Бројот на оние кои сметаат дека Русија е најголем пријател на земјава, е намален на 1,1 отсто, за разлика од лани кога дури 2,2 отсто од граѓаните имале вакво мислење.
Членството во Унијата е најдобра опција за Македонија, сметаат 61 отсто од испитаниците, а 34 отсто одговориле дека треба да се бара некоја друга алтернатива.
Дел од истражувањето на институтот „Преспа“ беа прашања за тоа која земја или меѓународна унија придонела за демократскиот и економскиот развој. Според перцепцијата на македонските граѓани за придонесот во демократскиот развој, први се САД со 24,2 отсто, потоа ЕУ, која со 22,8 отсто, а на трето место е Србија со 14,7 отсто.
Истражувањето на јавното мислење на институтот „Преспа“ беше спроведено телефонски во периодот април-мај на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник, со дополнително анкетирани лица на возраст од 20 до 35 години.