Истражување: Проблемот со видот може да открие деменција 12 години пред дијагнозата

од Vladimir Zorba
344 прегледи

Очите можат да откријат многу за нашето здравје, па дури и да предвидат деменција, според новото истражување на Универзитетот Лафборо и Универзитетот во Кембриџ. Деменцијата е комплексен синдром кој предизвикува пад на когнитивните способности, што доведува до проблеми со меморијата, однесувањето и движењето.

Освен тоа, визуелните потешкотии можат да бидат и симптом бидејќи деменцијата влијае на деловите од мозокот кои ги обработуваат визуелните информации што доаѓаат од очите. Имајќи го ова на ум, тестовите за вид може да бидат корисни за рана дијагноза и следење на напредокот на деменцијата и да обезбедат важен увид во здравствената состојба на една личност.

За време на истражувањето во кое учествувале 8.623 здрави луѓе, учесниците биле подложени на тестови за визуелна чувствителност. Оние кои развиле деменција подоцна во животот покажале побавен одговор на визуелните стимули во споредба со оние кои немале деменција.

Авторите на студијата објаснија дека проблемите со видот може да бидат рани показатели за когнитивно опаѓање, бидејќи токсичните плаки поврзани со Алцхајмерова болест најпрво влијаат на областите на мозокот поврзани со видот.

„Проблемите со видот може да бидат ран показател за когнитивно опаѓање бидејќи токсичните амилоидни плаки поврзани со Алцхајмерова болест најпрво можат да влијаат на областите на мозокот поврзани со гледањето. Значи, тестовите на видот може да детектираат дефицит пред тестовите за меморија“, објаснија авторите на студијата, Еф Хогерворст, Ахмет Бегде и Том Вилкоксон за The Conversation.

Дополнително, откриено е дека деменцијата влијае на различни аспекти на визуелната обработка, како што се чувствителноста на контрастот и способноста да се разликуваат боите. Истражувачите рекоа дека тоа може да „влијае на животите на луѓето без тие веднаш да бидат свесни за тоа“.

Овие наоди сугерираат дека тестовите за вид може да бидат корисни за откривање на деменција рано, дури 12 години порано, и со тоа да се следи нејзиниот напредок.

Слични содржини