Истражување: Секој седми граѓанин е член на партија, најмногу се гласа по етничка линија

од Nikola Popovski
207 прегледи

Основниот принцип по кој гласаат граѓаните на Македонија е етнички, а исклучоците се ретки. Ова го покажуваат резултатите од компаративната студија на изборните системи, спроведена со учество на Институтот за социолошки и политичко-правни студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Програмата за поддршка на изборите во Македонија.

Северна Македонија за прв пат е дел од оваа меѓународна студија, која се спроведува 25 години и дава преглед на изборното однесување на граѓаните. Резултатите од студијата беа презентирани денеска.

„Од македонските партии само две имаат гласачи меѓу граѓаните со албанско потекло или припадниците на другите етнички заедници во земјава, а Македонците не гласаат за албанските партии“, рече доц. Јован Близнаковски од Институтот за социолошки и политичко-правни студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ според кого во Македонија има поларизација по две линии – партиска и етничка.

Висок е процентот на граѓани кои се изјасниле како членови на политички партии, при што околу една третина од нив учествувале на митинзи или јавни настани организирани од политичка партија за време на минатогодишните избори.

Истражувањето покажува дека земјата е меѓу земјите во кои партиите имаат најголем процент на членови од населението и секој седми граѓанин-гласач е член на некоја партија, при што жените и младите се помалку ангажирани во политичките процеси. Според податоците, 13,3 отсто од испитаниците се изјасниле дека се членови на партија, додека во ЕУ процентот е меѓу 3 и 5 отсто.

Поделба по етничка линија има и во однос на оценката за работата на владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски (2020-2024), во која учествуваше и ДУИ.

„Гледаме дека незадоволството кај Македонците е значително поголемо отколку кај етничките Албанци, така што на некој начин целиот изборен резултат може да се гледа како казна за претходната власт“, ​рече Близнаковски.

На прашањето дали гласачите гласаат за иста партија на изборите, 37,4 отсто од испитаниците одговориле потврдно, 25,3 отсто одговориле дека гласаат за друга партија, додека 1,1 отсто одговориле дека не гласаат.

Речиси 38 отсто од испитаниците објасниле дека причината поради која одбрале за кој од претседателските кандидати да гласаат на изборите на крајот на април и почетокот на мај минатата година е проценката дека „овој кандидат е најдобар“. За близу 35 отсто, причината била затоа што тоа бил кандидатот предложен од нивната партија. Во однос на парламентарните избори, кои се одржаа заедно со вториот круг од претседателските избори, истражувањето покажа дека 34 отсто од Македонците се изјасниле дека поддржуваат одредена партија поради нејзината програма, додека за 35 отсто од Албанците поважно било раководството на партијата за која гласале.

Истражувањето е направено од 25 октомври до 4 декември 2024 година, а реализирани се вкупно 1056 анкети, на кои стапката на одговор е 56,2 отсто.

Слични содржини