Руските сили во Бахмут се ограничени поради „проширените проблеми поврзани со руската борбена способност“, предупреди американскиот тинк-тенк, Институтот за проучување на војната.
Континуираните напади од страна на Украина дополнително го ограничуваат напредокот на Русија во градот, наведе ISW.
Во средата, украинската воена единица соопшти дека разбила руска пешадиска бригада на линијата на фронтот кај Бахмут, тврдејќи дека ја потврдува изјавата на шефот на „Вагнер“ дека руските сили побегнале.
Подоцна во средата, генерал-полковник Олександр Сирски, кој ги предводи копнените сили на Украина, рече дека руските единици во некои делови на Бахмут се повлекле до 2 километри како резултат на контранападот. Тој не даде детали.
Единиците на „Вагнер“ го водеа повеќемесечниот руски напад врз источниот град, но украинските сили велат дека офанзивата попушта.
„Проблемите со посветеноста на различни исцрпени единици, заедно со очигледните пропусти во командата и контролата, веројатно ги спречуваат руските сили во областа да спроведат одлучувачки одбранбени операции“, тврди ISW.