Вчерашното убиство на рускиот воен блогер Владлен Татарски би можело да разоткрие „понатамошни конфликти во внатрешноста на Кремљ и неговиот потесен круг“, објави утринава американскиот безбедносно-одбранбен тинк-тенк Институт за проучување на војната (ISW).
Татарски, чие вистинско име е Максим Фомин, загина синоќа во експлозија во кафуле во сопственост на основачот на озлогласената платеничка воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин. Стануваше збор за еден од највлијателните руски воени блогери и истакната личност во рускиот провоен информативен простор.
Во својот последен извештај за војната во Украина, ISW наведува дека извори од руското министерство за внатрешни работи објавиле дека руските специјални служби „веќе долго време знаат за плановите за убиството на Фомин“.
„Дел од поширокиот модел на ескалација на внатрешните конфликти“
Во извештајот се додава дека Фомин бил „осуденик поврзан со Вагнер кој побегнал од затвор во областа Доњецк во Украина на почетокот на руската инвазија на Донбас во 2014 година“. ISW наведува дека неговата смрт е „веројатно дел од пошироката шема на ескалација на внатрешните конфликти во Русија“ во кои се вклучени Пригожин и групата „Вагнер“.
„Претходно тој ден Фомин учествуваше во уште еден настан кој помина без инциденти, па се чини дека синоќешниот напад намерно е извршен во просторот во сопственост на Пригожин“, наведува ISW во својата анализа.
„Убиството на Фомин е можеби предупредување за Пригожин, кој се повеќе ги доведува во прашање клучните тези на Кремљ за војната во Украина и го сигнализира сопствениот интерес за позицијата на рускиот претседател, било да е тоа во конкуренција со Путин или во наследувањето на актуелниот претседател“, вели ISW.
Алтернативно објаснување за убиството е „охрабрување на автоцензурата“ меѓу Русите кои го доведуваат во прашање напредокот на војната ширум руските кафулиња, наведува Институтот за воени студии.