Американските технолошки гиганти Qualcomm и Microsoft ќе соработуваат за создавање специјални чипови кои ќе бидат вградени во лесни очила за проширена реалност. Очилата ќе бидат дизајнирани за употреба и од индивидуални корисници и од бизниси – за апликации од областа на „метаверзумот“.
На денешниот саем за потрошувачка електроника CES 2022 во Лас Вегас, извршниот директор на Qualcomm, Кристијано Амон, беше цитиран од Ројтерс дека двете компании ќе работат заедно за да ги комбинираат сопствените чипови со потребите на развивачите на софтвер и да создадат виртуелни светови во кои луѓето можат да работат и да играат.
Според Амон, идните уреди кои се очекува да се појават како резултат на оваа соработка ќе работат на софтверот на Microsoft наречен Mesh. Тоа му овозможува на корисникот да емитува реална слика за себе во хедсетот на друг корисник, така што и двајцата се чувствуваат како да се во иста просторија.
Идниот хардвер ќе користи и софтвер на Qualcomm наречен Snapdragon Spaces, кој помага во извршувањето на основните функции за проширена реалност. Такви се, на пример, мапирањето на физичките простори за да може дигиталните објекти да се надополнат на нив, како и следењето на рацете за корисниците да можат да манипулираат со овие дигитални објекти преку гестови со рацете.
„Со години зборуваме за можноста да имаме уреди за носење со проширена реалност кои ќе станат широко распространети“, вели Амон. Двете компании сè уште не открија детали за тоа кога чиповите и хедсетите ќе бидат достапни.
„Нашата цел е да ги инспирираме и поттикнеме другите да работат колективно за иднината на метаверзумот, иднина заснована на доверба и иновации“, рече Рубен Кабаљеро од Microsoft.