ИТ секторот побара од Мицкоски да се укине „недела неработен ден“ и да им се овозможи работа од дома

од Nikola Popovski
42 прегледи

Стопанската комора за информатички технологии и комуникации (МАСИТ) на премиерот Христијан Мицкоски му го упати барањето за укинување на „недела неработен ден“ и овозможување на ИТ инженерите да работат од дома, но со скратено работно време.

„Бараме сериозни измени на Законот за работни односи. Се надевам дека соработката што ја имаме ќе продолжи. Го поздравуваме Советот за дигитална трансформација на државата. Се надеваме дека дигиталната трансформација ќе се случи брзо, а тоа значи ставање Сите хартии и документи во дигитална форма. Потоа ќе поминеме на фазата интероперабилност меѓу институциите за да можат граѓаните да почувствуваат дека навистина нешто е направено и дека побрзо ќе течат процесите“, рече претседателката на МАСИТ, Анета Антова Пешева по средбата со Мицкоски.

Таа информира дека МАСИТ предложил создавање на јавно-приватно партнерство со локални и сертифицирани безбедносни компании кои ќе им помогнат на властите и министерствата со стручен персонал.

Македонскиот премиер оцени дека средбата со претставниците на МАСИТ била конструктивна и дека политиката на Владата а е да врати што е можно повеќе млади луѓе во земјата.

„Импресивен е фактот дека како ИКТ индустрија имаме повеќе од половина милијарда евра извоз во 2023 година и тој претпоставувам продолжува да расте, тоа е нешто што додава вредност во нашата економија. Голем дел од овие луѓе коишто работат во ИКТ индустријата, тоа се повеќе од 20 000, мислам дека во 2023 година повеќе од 21 000 се вработените во ИКТ, се луѓе кои останале тука, дома и од тука се борат не само за своето семејство и својата егзистенција, туку и за својата татковина и тие лично од мене имаат огромна почит, имајќи превид дека се дефицитарни и дека имаат поголема понуда. Секогаш луѓето кои останаа тука и кои се борат за својата татковина од мене ќе ја имаат почитта и секогаш ќе имаат приоритет во политиките на оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да ги привлечеме младите кои, за жал, ја напуштија земјата, да се вратат дома и тоа Македонија го заслужува“, нагласи Мицкоски.

Тој рече дека со прашањето за дигитализација се занимава Министерството за дигитална трансформација.

„Министерството работи посветено. Во овие неколку месеци е направен навистина голем напредок. Очекувам ова да продолжи и во иднина. Не е доволно, денес разгледавме некои параметри, очекувам ИТ културата во земјава да расте, да биде што е можно подостапна и да има што повеќе корисници, барем да достигне европски просек, сега сме под овој европски просек… Јас лично како инженер го стимулирам и ќе го поддржам, тука не треба да имаме дилема“, додаде Мицкоски.

Слични содржини