Од денес, зелениот документ е задолжителен на сите работни места во Италија. Казната ако работникот ја нема, оди до 1.500 евра, и се стравува дека ова може да има најголемо влијание врз работниците во транспортот и пристаништата, каде што стапките на вакцинација против Ковид-19 се релативно ниски.
Додека 46 милиони Италијанци постари од 12 години, што е повеќе од 85%, примиле барем една вакцина, се проценува дека околу 2,5 милиони италијански работници се уште се невакцинирани, пренесува Би-Би-Си.
Досега ковид-сертификатот беше задолжителен во затворени јавни простории, како и во училиштата и за патувања, а од денес ова важи и за сите вработени во приватниот и јавниот сектор, како и за оние кои работат од дома.
Во случај некој од вработените да не дојде на работа, затоа што нема документ, ќе се смета за неоправдано отсуство, а тој вработен ќе остане без плата, иако не е предвидена дисциплинска мерка и лицето не може да биде отпуштено.
Предвидени се и казни од 500 до 1.500 евра, доколку вработените дојдат на работа без тој документ.
Се очекува голем притисок врз аптеките и другите места каде што е можно тестирање за да се добие зелен документ, кои веќе започнаа да ги обезбедуваат потребните резерви на тестови.
За да добијат таков сертификат, Италијанците мора да се вакцинираат со најмалку една доза од вакцината или да се заразиле со корона во последните шест месеци, а друг услов е имаат негативен тест на секои 48 часа.