Италија е подготвена да направи „жртви“ за да обезбеди почеток на учебната година

од Vladimir Zorba
150 прегледи

Италија ќе ги направи потребните жртви во обид да спречи зголемување на бројот на пациенти со коронавирус за да се обезбеди почетокот на учебната година кон средината на септември, рече министерот за здравство Роберто Сперанца, загрижен за зголемениот број на млади меѓу заболените.

„За помалку од еден месец, ние треба да ги отвориме училиштата и факултетите. Тоа зависи од совесното однесување на сите нас, почнувајќи од младите“, рече Сперанца во интервјуто објавено во понеделникот во дневниот весник „Ла Република“.

Во декрет, потпишан во неделата вечерта, министерот нареди затворање на сите дискотеки и ноќни клубови и нареди носење маски во јавност меѓу 18 и 06 часот наутро на местата каде што се групираат луѓето.

Во понеделникот вечерта во Рим, на Шпанските скали, полицајците ги предупредуваа туристите преку звучници да носат заштитни маски.

Министерот рече дека ова е неизбежно ако сакаат да го обезбедат почетокот на учебната година.
„Мора да го земеме предвид фактот дека просечната возраст на заразените драстично се намали во последните неколку недели“.

Сперанца истакна дека не сака да ги обвинува младите луѓе, туку напротив, да ги замоли за помош при одржување на инфекцијата под контрола.

Италија е првата европска земја која е погодена од епидемијата и досега има регистрирано 254.000 случаи на Ковид-19 и повеќе од 35.000 смртни случаи. По строгите мерки за ограничување на движењето во март и април и потоа бавно олеснување на мерките во таа земја, училиштата не се отворија повторно.

„Ситуацијата во Италија е значително подобра отколку во повеќето европски земји. Денес имаме помалку од 500 случаи на ден во споредба со 3.000 во Франција и Шпанија. Но, растечкиот тренд на бројот на инфекции не обврзува да бидеме внимателни“, рече Сперанца.

„Што се однесува до училиштата, не смееме да промашиме, а целта на секоја мерка, секоја жртва е да отвориме училишта што ќе го означат вистинскиот крај на карантинот“, додаде тој.

Но, претседателот на италијанскиот Национален здравствен совет Франко Локатели истакна дека „бројот на заболени се искачил до тој степен што за неколку недели поминале од 200 до 300 пациенти на повеќе од 600 во средината на август“, објави весникот „Ил Кориере Дела Сера“.

„Излеговме од најкритична фаза, но не и од живата фаза на епидемијата“, рече тој, поттикнат од големиот број на млади меѓу заразените.

„Во споредба со трагичниот март и април кога епидемијата беше концентрирана на северот на земјата, сега се шири низ Италија со стотици жаришта. Тој рече дека ова може делумно да се објасни со одморите. Во зависност од регионот, 25 до 40 проценти од случаите ги носат жителите по враќањето од пат или странци кои живеат во Италија. Учеството на мигрантите е минимално, помеѓу 3 и 5 проценти“, прецизира тој.

Слични содржини