Премиерот на Италија, Марио Драги, најави дека по Велигден, предучилишните и основните училишта ќе започнат со работа, дури и оние во областите со висок ризик.
„Предавањето лице в лице е на врвот на политичките приоритети на владата“, рече Драги на денешната прес-конференција.
„Сите други ограничувања (за патувања, барови и ресторани) остануваат на сила. Научните истражувања покажуваат дека училиштата се многу ограничен вектор на инфекција доколку се спроведат други мерки. Изворот на инфекцијата е сè она што се случува околу училиштето. Министерот за образование Патрицио Бјанки работи на тоа да се регулира отворањето на училиштата, а во некои случаи ќе биде можно да се спроведе тестирање“, додаде премиерот.
„Како што паѓа стапката на инфекција, решивме да го искористиме ова мало богатство што ни стои на располагање и да отвориме училишта заради важната општествена улога што ја имаат“, истакна министерот за здравство Роберто Сперанца.
Италија, многу рано погодена од пандемијата, затвори училишта целосно или делумно 30 недели во една година.