Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека признавањето на државата Палестина од страна на Италија е поблиску откако палестинското милитантно движење Хамас ги ослободи преостанатите живи израелски заложници.
Ослободувањето на заложниците беше еден од условите поставени од владата на премиерот Џорџа Мелони за признавање на Палестина, а другиот беше политичко и воено исклучување на Хамас од власта во Газа и на Западниот Брег, пренесе АНСА.
„Денес конечно се исполнети условите Газа да се ослободи од кошмарот на Хамас и привремено да ѝ се довери на меѓународна контрола со активно учество на исламските земји“, рече Тајани во обраќањето пред долниот дом на италијанскиот парламент.
Тој оцени дека „признавањето на Државата Палестина, откако ќе се исполнат условите поставени од парламентот, сега е поблиску“.
„Сето ова е со цел да се постигне вистинска, демократска, мирна, неконфесионална палестинска држава, доверена на Палестинска национална власт длабоко обновена во својот персонал и методи. Мирна држава признаена од Израел и која го признава Израел“, рече Тајани.