Италија: Заменик-министер поднесе оставка откако беше осуден за проневера

од desk4
126 прегледи

Лидерот на италијанската партија „Лига“ и вицепремиер Матео Салдини денеска ја прифати оставката на заменик-министер осуден за проневера, со цел да избегне потенцијалната криза во владејачката коалиција.

Заменикот-министер за транспорт, Едоардо Рикси денеска е осуден на затворска казна од три години и пет месеци, што еден месец повеќе отколку што бараше обвинителот. Веднаш по пресудата, коалицискиот партнер на „Лига“, Движењето 5 ѕвезди, кое има цврсти антикорупциски ставови, побара Рикси да поднесе оставка.

– Веќе му ја врачив оставката на Салвини, изјави Рикси.

Вицепремиерот Салвини рече дека ја прифатил оставката „само за да го заштити (Рикси) и дејствувањето на Владата од бесмислени напади и скандали“.

Судот во Џенова, исто така, одлучи од Рикси да бидат одземени 50.000 евра, за што тој најави жалба.

На Рикси му беше судено заедно со 21 други актуелни и поранешни советници во Регионалниот совет на Лигурија, под обвинение за барања за надомест на лажни трошоци, со кои всушност биле финансирани нивни приватни оброци и патувања од 2010-2012 година. Судот утврди дека Рикси и 19 други обвинети парите ги трошеле за приватни работи, вклучувајќи посети на забавни паркови, карти за лотарија, остриги и цвеќиња.