Италија наскоро ќе започне кампања за давање на четвртата доза од вакцината против ковид 19 на лица над 60 години.
Ова го соопшти италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца, откако доби „зелено светло“ од здравствените агенции на Европската унија.
Сперанца рече дека владата веќе дала одобрение за 20-те регионални администрации на Италија да започнат кампања за администрирање на четвртата доза од вакцината, по одобрение од националната медицинска агенција АИФА, објави „Ројтерс“.
„Сите научни докази покажуваат дека дополнителната доза од вакцината може во голема мера да ги заштити луѓето, особено слабите и постарите, од хоспитализација“, изјави Сперанца за државната телевизија Раи синоќа.
Во Италија во јули се зголеми бројот на заразени со коронавирусот.
Бројот на заразени на дневна основа минатата недела надмина 100.000 за прв пат од февруари, а се забележува и зголемување на бројот на хоспитализирани лица.