Италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре одржа проповед за време на погребот на папата Франциск на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан и се потсети на неговото наследство.
Зборувајќи пред десетици илјади верници, Батиста Ре рече дека понтификатот на Франциск ги допрел срцата на многумина.
„Изливот на наклонетост што го видовме во последните денови по неговото преминување од оваа земја во вечноста ни кажува колку длабоко понтификатот на папата Франциск ги допрел умовите и срцата. Тој беше народен папа, со отворено срце кон сите. Тој беше и папа кој беше внимателен на знаците на времето и на она што Светиот Дух го буди во Црквата“, рече тој.
Се осврна и на неговата работа во име на сиромашните.
„Работата на Папата во служба на бегалците и раселените лица го обележа. Неговото прво патување беше на островот Лампедуза, кој многу мигранти го користат како порта кон ЕУ. Таа посета беше значајна бидејќи островот ја симболизира трагедијата на имиграцијата, со илјадници луѓе кои се дават во морето. Неговото патување на Лезбос, заедно со Вселенскиот патријарх и Атинскиот надбискуп, беше во истиот дух“, рече тој.
Додаде дека папата се соочил со бројни војни.
„Тој постојано го креваше гласот, повикувајќи на мир. Војната, рече тој, резултира со смрт на луѓе и уништување на домови, болници и училишта. Војната секогаш го остава светот полош отколку што бил порано. Таа е секогаш болен и трагичен пораз за сите. Градете мостови, а не ѕидови“, заклучи италијанскиот кардинал.