Голем број италијански корпорации, кои мораа да го напуштат рускиот пазар поради западните санкции, сега би сакале да се вратат, изјави претседателот на Здружението на италијански претприемачи, Виторио Торембини.
Тој за весникот „Известија“ изјавил дека извозот во Русија од минатата година паднал за 35 отсто.
– Многупати сум кажал дека рускиот пазар е многу важен за италијанските компании, а не само за нив – рекол тој, додавајќи дека инвестициите во Русија не можат да се отфрлаат само така.
Торембини потсетил дека 10 компании, главно во секторот за нафта и гас, најавиле прекин на нивните активности во Русија по почетокот на воената операција во Украина.
– Уште повеќе, по многу ниска цена се продаде државната компанија „Енел“ која се занимава со продажба на електрична енергија, како и „Леонардо“ која работи во областа на одбраната, рече тој, додавајќи дека станува збор за неповратни чекори.
Торембини појаснул дека речиси сите италијански компании, кои го напуштиле рускиот пазар, изразиле желба да се вратат.
Тој минатата година во октомври изјави дека италијанските гиганти како „Пирели“, „Барила“ и „Ферера“ решиле да продолжат да работат во Русија. Претходно оваа година Торембини изјавил дека 110 компании од Италија се уште имаат производствени капацитети во Русија, додека 150 членови на „ГИМ Унипреса“ се уште се присутни во Русија.