Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати итен апел до сојузниците да обезбедат дополнителна воена помош во форма на американски системи за противвоздушна одбрана Патриот, откако Русија изврши повеќе од 1.000 воздушни напади врз Украина минатата недела.
„Потребна ни е силна поддршка од нашите партнери“, објави Зеленски на својот канал Телеграм и рече:
„Повеќе системи за воздушна одбрана „Патриот“ за Украина значат поголема заштита на животи“, рече тој.
Руските напади предизвикаа бројни жртви и десетици повредени, јави германската новинска агенција ДПА.
Според Зеленски, Русија минатата недела ја нападна Украина со повеќе од 660 крстосувачки ракети, околу 550 беспилотни летала и речиси 60 проектили. Украинската противвоздушна одбрана собори 33 проектили, вклучително и балистичка ракета, како и повеќе од 300 беспилотни летала.
Зеленски објави видео кое го прикажува пустошењето и уништувањето предизвикано од нападите, на пример во Киев и Запорожје за време на викендот, како и во регионот Донбас на истокот на земјата.
Зеленски им оддаде почит на вооружените сили, но додаде: „Задачата да продолжиме да го штитиме нашиот воздушен простор и понатаму трае“.
Тој ги повика западните сојузници на Украина да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана. Украина се брани од руска инвазија од февруари 2022 година. Во текот на викендот, руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили зазеле дополнителна територија во источна Украина.