Советот за безбедност на ОН, синоќа зад затворени врати, одржа итна вонредна средба за Сирија, а по барање на Русија.

Москва побара итен состанок, откако коалициските сили, предводени од САД, во Сирија изведоа воздушен напад, во кој, според Русија, загинаа 62 сириски војници кои се бореле против Исламска држава, јави Би-Би-Си.
Американската амбасадорка Саманта Pауер ја обвини Русија дека спроведува „мајсторија“ и оти е „цинична и лицемерна“ поради свикувањето состанок заради воздушните напади, а никогаш не побарала седница поради „неделата на режимот на Башар ал Асад“.
– САД го нарушија прекинот на огнот и договорот за примирје со спроведувањето на воздушни напади на сириските владини сили во близина на Деир ез Зора, изјави рускиот амбасадор Виталиј Чуркин, кој ја напушти седницата по изјавата на Пауер.
– САД прекршија две свои обврски во овој важен момент. Прво, го прекршија прекинот на огнот, кој го договорија со нас во февруари, а во претходните денови го потврдија договорот, рече Чуркин.
– Второ, го прекршија своето ветување дадено на сириската Влада кога ги почнаа своите воздушни воени операции над Сирија, прецизира рускиот амбасадор.
Чуркин, како што пренесува ТАСС, изјави дека САД објаснил оти воздушните напади не биле спроведени намерно, што нему му звучи чудно.
– Би било чудно да поверуваме дека целиот напад бил случаен. Времето кога нападот е спроведен, како и други аспекти на ситуацијата, укажуваат дека во прашање е можна провокација, истакна Чуркин, додавајќи дека ги очекува следните чекори на Вашингтон.
– Ако тие за се ги обвинуваат Русите, вклучувајќи ги и воздушните напади, тогаш нивните интереси се во целост јасни, заклучи рускиот дипломат.
– Американското Министерство за одбрана собира информации за воздушниот напад во Сирија, запрен вчера, откако коалициските сили биле известени дека ја напаѓаат сириската армија, изјави утрово портпаролот на Пентагон Питер Кук.
– Иако се уште да се обидуваме да ги утврдиме фактите, и ако по грешка сме нападнале сириска воена позиција, жалиме за тоа, особено за загубата на човечки животи”, посочи прес-секретарот на Пентагон Кук.
Тој исто така рече дека руската страна не изразила никаква вознемиреност вчера, кога била информирана дека авиони на коалицијата ќе дејствуваат во зоната на конфликт.