Иванишевиќ ќе седне на клупата на српската репрезентација?

од Vladimir Zorba
323 прегледи

Горан Иванишевиќ на клупата на српската тениска репрезентација? Сценарио кое лесно можеме да го видиме веднаш по Нова година, судејќи по написите во спортските рубрики во соседството.

Се отвора можност за неочекуван ангажман во АТП купот, екипно натпреварување кое на почетокот на сезоната ќе се одржи во Сиднеј и на кое Србија најверојатно нема да патува со својот тренер Виктор Троицки.

Тој за Журнал.рс изјави дека „најверојатно нема да оди“ во Австралија бидејќи „селекторот во тоа натпреварување не се прашува многу“, што значи дека селекторската улога може да премине во рацете на првиот играч на тимот. Станува збор за Новак Ѓоковиќ, кој е во ростерот, а иако се уште не откри дали е вакциниран и има намера да отпатува за Австралија, српските медиуми сметаат дека нема да го пропушти стартот на сезоната.

Според правилата на АТП купот, Ѓоковиќ во консултација со останатите репрезентативци може да назначи друг селектор, тренер кој мора да биде од иста националност, но онаму каде што тоа не е можно, дозволени се исклучоци.

Доколку Ѓоковиќ го сака Иванишевиќ на клупата, кој треба да патува со него на австралиската турнеја, нема сомнеж дека АТП ќе го одобри.

Слични содржини