Тренерот на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, испрати предупредувачка порака до својот ученик пред Олимписките игри во Токио.
Пред настапот во Токио, Ѓоковиќ е прв фаворит и многумина веќе го гледаат како освојувач на злато, но токму тоа го загрижува Иванишевиќ.
Затоа тој е многу претпазлив во својата прогноза дека српскиот ас може да оствари голем сон.
„Олимписките шампиони не мора секогаш да бидат најдобрите играчи, понекогаш има и неочекувани победници. Сè стана потешко да се предвиди. Атмосферата е поинаква кога играте за вашата земја, нормално е луѓето да очекуваат победа на фаворитот, но тоа не е секогаш точно“, рече Иванишевиќ.
Тој исто така го наведе примерот на Роџер Федерер, кому му недостасува злато во сингл од Олимписките игри (освои сребро во Лондон).
„На Федерер сè уште му недостасува олимписко злато, тој веќе освои сè што можеше да се освои. Ако еден ден го стори тоа, може да се пензионира на мир“, се насмеа Сплиќанецот, кој освои два бронзени медала од Олимписките игри во Барселона во 1992 година.
Оваа година Ѓоковиќ го напаѓа „Златниот слем“, нешто што никој не успеал во машкиот тенис во историјата, а за таков потфат му недостасува да биде шампион во Токио и на УС Опен.
Оваа сезона тој веќе има освоено титули на Австралија опен, Ролан Гарос и Вимблдон.