„Ме чуди што го оставаат Рамковниот договор овде, затоа што прв сигнал за тоа прати ДУИ, со ребрендирањето во зелена партија“, вели новинарот Зоран Иванов, коментирајќи ги можните санкции на американскиот претседател, Џо Бајден за сите непочитувачи на Преспанскиот и Охридскиот договор.
Според него, во поглед на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија, тоа што е дефинирано досега, треба да се спроведе до крај.
„Декретот на Бајден не значи забрана за организирање протести против Преспанскиот договор или против некои негативни емоции околу него. Американската демократија е раширена во светот. Луѓето кои се одговорни за спроведувањето на меѓудржавните договори, треба и мора да се држат до тоа што пишува таму и да се имплементира до крај. Бајден со два збора и еден потпис ја распарчи идејата за „Илирида“ и тоа е силна порака до сите, да си ги соберат јазиците и да не помислуваат на никакви големи држави“, додава Иванов, гостувајќи во емисијата „Само вистина“.