Иванов: Филипче го чека многу работа за да го убеди членството дека има капацитет да се справи со оние кои ја доведоа партијата на ова дереџе

Толку беше катастрофален ланскиот резултат на парламентарните избори што реално е да се очекува дека, барем гледано кумулативно по гласови, ќе има подобри резултати, вели Иванов за „Локално“ во однос на вчерашните внатрепартиски избори во СДСМ

од Даниел Ѓорѓиевски
356 прегледи

СДСМ избираше нов претседател, а единствениот кандидат на изборот беше старо-новиот лидер Венко Филипче, кој доби доверба од околу 18.000 членови на Социјалдемократскиот сојуз. Дали бројот на членови на СДСМ е доволен показател за легитимитетот на старо-новиот претседател? „Локално“ побара експертско мислење од новинарот Зоран Иванов.

Според Иванов, Филипче е легитимен според статутот на партијата, но тој потенцираше дека за да ја обноват довербата кај членовите, Филипче и неговиот тим ќе мора да демонстрираат конкретни активности и резултати. Иванов нагласи дека успехот на партијата ќе зависи од способноста на раководството да реагира на потребите на членството и да ја врати нивната поддршка.

„Статутот на партијата вели дека постои легитимност. Тоа се нивните внатрешнопартиски одлуки. Фактот што СДСМ се сведе на 18.000 мотивирани членови кои гласаа е друга тема. Филипче и тимот ги чека многу теренска работа за да ги убедат симпатизерите и членовите дека имаат капацитет да се справат прво со оние во своите партиски редови кои ја доведоа партијата на ова дереџе. Ако не успеат да го сторат тоа јавно, јасно и остро, СДСМ нема да се поврати уште долго. Членството и партиските симпатизери очекуваат внатрешна партиска диференцијација, но не знам колку раководството на партијата е свесно за тоа и дали овие сигнали од граѓаните допираат до нив. На сите од поранешниот партиски врв треба да им се каже „фала“. Без тоа, не сум сигурен дека СДСМ може да биде силен изборен конкурент.“

Тој истакна дека катастрофалниот резултат од ланските парламентарни избори создава реална очекуваност за подобри резултати на следните избори, особено во однос на кумулативниот број на гласови. Сепак, предупреди дека дали тоа ќе биде доволно за да се смета дека партијата е консолидирана, ќе покажат само резултатите. Иванов нагласи дека е неопходно партиското раководство да преземе конкретни и решителни чекори за да врати доверба кај членовите и симпатизерите на СДСМ.

„Толку беше катастрофален ланскиот резултат на парламентарните избори што реално е да се очекува дека, барем гледано кумулативно по гласови, ќе има подобри резултати. Но, дали тоа ќе биде доволно за да се смета дека партијата е консолидирана, ќе покажат резултатите. Без јасен сигнал од актуелното раководство дека сака јавно и силно да расчисти со некои од своите неуспешни министри и други кадри во јавните институции, тоа ќе биде тешко“ изјави Иванов.

Иванов изразува сомнеж во легитимноста на обвинувањата за криминал од страна на власта и нагласи дека партијата прво треба да ги испита своите редови. Тој посочи и на антикорупциската стратегија, која, како што вели, е наклонета кон власта.

Иванов  смета дека сегашната власт користи пупулизам. Тој испрати сериозни критики кон ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека партијата треба прво да ги разгледа своите внатрешни проблеми пред да упатува обвинувања за криминал. Тој истакна дека актуелната антикорупциска стратегија е наклонета кон властите и дека нема индикации за отворање предмет против имотот на сегашниот претседател на СДСМ

„Власта само популистички се заканува. ВМРО-ДПМНЕ, кога обвинува за криминали, прво треба да си погледне во својот двор. Тоа е најкорумпираната партија во Европа, најбогатата партија на најсиромашната држава. Нека си ги преброи прво криминалците и криминалите во своите редови од времето на првиот нејзин претседател, до вториот, во кој актуелно учество имаше сегашниот, па се до нивните актуелни кадри. Патем, антикорупциска стратегија во овој состав, наклонета кон оваа власт, констатира дека нема индикации да се отвори предмет за имотот на сегашниот претседател на СДСМ“, заврши Иванов.

Д.Ѓ

Слични содржини